KORRMOTIVE ТЕСТ: Kia Sportage Facelift
- Марко Соколовски

- Oct 31
- 5 min read
Генерално, списокот на нови автомобили на кои македонските купувачи просто не можат да одолеат е доста мал, но еден редовен гостин кој се појавува на овој список е Kia Sportage.
Како што започна минатата деценија, Sportage за многу кратко стана еден од најпопуларните SUV модели на нашиов пазар, а тоа само се зголеми со тековната петта генерација на моделот која се појави во 2022, а потоа беше и најпродаван автомобил за 2024 во Македонија според официјални статистики.
Оваа година ни пристигна фејслифтот. Што има ново? Дали ќе ја заддржи титулата? Ајде да видиме.
Korrmotive го тестира новиот Kia Sportage

Korrmotive
Околу месец и пол по пристигнувањето на освежениот Kia Sportage во Македонија, пристигна кај Korrmotive на тест, максимално опремен со GT Line пакетот, појакиот бензински мотор и погон на сите четири тркала.
На некој начин, Sportage беше пионер во понудата на Kia кога се појави новата генерација, бидејќи беше меѓу првите модели со новите карактеристични дизајнерски елементи, како и новиот дизајн на ентериер. Дизајнерскиот јазик на Kia оттогаш се смени прилично многу, и тоа се отсликува и кај освежениот Sportage.

Korrmotive
Предната маска е сосема редизајнирана, и вклопува помали елементи во каросериската боја на долниот дел, што е уникатно за GT Line. Новите светла напред најмногу привлекуваат внимание, и многу потсеќаат на тие на големиот EV9.

Korrmotive
Од страна е исто, со исклучок на новиот дизајн на фелни (19 инчни во случајот на GT Line) и отсуството на хромирани површини, а и задниот дел е многу сличен, со тоа што се малку освежени стоп светлата. Сѐуште не е целосен light bar, и малку ми е криво за тоа, но геометриските форми на стоп светлата многу повеќе ми се допаѓаат од претходниот дизајн.
Сѐ на сѐ, дефинитивно атрактивен дизајн. Фејслифтов доста го освежи, а и онака кај Sportage никогаш не бил проблем дизјанот. Оваа генерација отсекогаш изгледала интересно и впечатливо, и особено со GT Line опрема, тешко е да го промашиш.
А што го движи Sportage?
Докажан бензинец

Korrmotive
Тестеров дојде со 1.6 GDI турбо бензинец со 180 коњи и 265 Nm вртежен момент, и тоа оди до сите четири тркала преку 7-степен DCT автоматик. Верзијата со преден погон има 150 коњи, а основниот Concept пакет на опрема е достапен и со рачен менувач, но другите се сите автоматик.
Овој мотор се нудеше на Sportage и претходно, но ова беше моето прво искуство со него. Ајде една анализа да направиме, почнувајќи со градската вожња.
Самото искуство во град беше супер, но можеби ќе треба малку навикнување. Како што би очекувале, Sportage има неколку режими на возење, и Eco режимот е доста агресивен во својата мисија да ви заштеди на гориво, но не во лоша смисла.

Korrmotive
Сето тоа е океј, само треба да го адаптирате вашиот стил на возење со Sportage. Во град искуството беше супер. Прегледноста е одлична, возачката позиција имаше доста подесување, и иако амортизацијата беше за нијанса потврда, сепак е удобен, и особено ми се допаднаа седиштата на GT Line, ама за тоа подоцна малку.
Знам дека ве интересира потрошувачката. Со оглед на тоа дека се работи за чист бензинец со погон на сите четири тркала, и со оглед на тоа дека Sportage не е пердув во однос на тежината, официјалната бројка од околу 8 литри на 100 км е сосема за почит. Од моето искуство со Sportage, бројки како 8 литри или 9 литри се сосема достижни, сѐ додека го адаптирате стилот на возење. На отворено може да се стигне и до околу 7 литри.

Korrmotive
Маневрирање и паркирање не беа никаков проблем, а GT Line доаѓа стандардно со сензори и одличен систем на камери за паркирање, но и без тоа, прегледноста си е одлична, и сите пакети доаѓаат со задна камера, како и предни и задни сензори.

Korrmotive
На отворено, каде што мислам дека ќе се сложиме сите дека Sportage многу ќе се вози, исто така немам лош збор. Одлична звучна изолација, немаше проблем да развие брзина и да ја оддржува, и генерално искуството беше доста релаксирано. Не е спортски автомобил, но солидно се покажа и во кривини.

Korrmotive
Немаше премногу навалување, и воланот е доста прецизен, но малку вештачки потежок во Sport режимот за возење. Кога сме кај тоа, тој режим е и најреспонзивниот и највисоко ги држи вртежите, за претекнување или приклучување на автопат итн. Има и режим за снег, а овој модел имаше и опција за AWD Lock, што го распоредува вртежниот момент до оската каде што е најпотребен, доколку ептен заглавите на некаков неасфалтиран пат.

Korrmotive
Harman/Kardon озвучувањето во овој модел исто беше одлично, така да, за долги патувања на одмори итн., Sportage одлично си ја врши работата. Верен сопатник, со други зборови.
Познат, но сепак нов ентериер

Korrmotive
Фејслифтот донесе доста многу промени за ентериерот на Sportage, кои исто го доведуваат во линија со остатокот од понудата на Kia. Панелот со контроли кој може да раководи со климата или мултимедијата си остана, и според мене, ова е генијално решение.
Една новост која сигурен сум дека одма ја забележавте е воланот, кој е сега со два краци. Воедно, на воланот ги преместија копчињата за режим за возење и 4WD Lock, што го праќа вртежниот момент до онаа оска каде што најмногу е потребен.
Инструмент таблата и инфозабавниот екран имаат малку сменет интерфејс, а оперативниот систем е исто така нов, и многу ми се допадна. Ултра респонзивен, со јасна графика, многу лесен за користење, како што треба. Истото имам и да го кажам за екранот за инструментите, а и за heads-up дисплејот, кој доаѓа стандардно на GT Line. Apple CarPlay исто си работеше одлично.

Korrmotive
Друго нешто што доаѓа стандардно на GT Line, освен панорамскиот сончев покрив и Harman/Kardon озвучувањето, се овие фантастични двобојни кожни седишта. Возачкото е електрично подесиво со меморија, а имаат и греење и вентилација. Значи, фантазија, и на изглед, и за удобност и за латерална поддршка. Воланот исто е двобоен, што порано беше резервирано за апла луксузни автомобили.
Има доста места за одлагање на предмети, а и многу ми се допадна тоа што централната конзола веќе не е сјајно црна. Тоа ми беше една од најголемите забелешки за претходниот Sportage, и одлично е што Kia го сфатиле фидбекот сериозно. Сепак, би претпочитал малку подруга форма на селектор за менувач отколку тркалцево.
Лепезата на безбедносни системи е огромна, и вреди да се спомне дека сите пакети на опрема доаѓаат стандардно со адаптивен темпомат и blind spot систем (за мртов агол). Генерално, од речиси ништо нема да сте покусо во Sportage, а особено во GT Line.

Korrmotive
На задната клупа има, замислете, еден куп простор, како и за нозе, така и за глава. Има и USB приклучоци вметнати во предните седишта на кој како му треба, а на GT Line и задните седишта имаат греење, и можете да се наслонат, доколку патот е доволно долг за дремка.
Багажникот, освен што има практична форма за товарење какви било предмети, нуди 591 литри капацитет, кои стануваат 1.780 литри со преклопување на задната клупа. Кога сме кај тоа, огромни бонус поени што Sportage и понатаму ги заддржува рачките за преклопување на задните седишта директно од багажникот.
Sportage и понатаму си ја оправдува популарноста

Korrmotive
Веќе многу долго време Kia Sportage е миленик на македонските купувачи. Ова е мое второ возење на тековнава генерација, и повторно можам да кажам дека популарноста на Sportage е апсолутно основана и оправдана.
Сѐ што ќе побарате од него ќе го направи без проблем, добро изгледа, и нуди еден куп за парите. Дали ќе остане и понатаму бестселер во Македонија? Како што тргнала работава, јас мислам да.
Браво!
ОЦЕНА: 9 / 10
Почетна цена за Kia Sportage изнесува 30.300 евра.
Цената на тестираниот модел е 43.500 евра.
Цените се точни од времето на објавување. За повеќе инфо, посетете го продажниот салон нa Kia.




