KORRMOTIVE ТЕСТ: Lynk & Co 01 Facelift
- Марко Соколовски

- Nov 4
- 6 min read
На почетокот на оваа година ни пристигна Lynk & Co во Македонија, и имаше едно фантастично деби со 01, а и 02 понатаму потврди дека Lynk & Co е сериозен конкурент. Набргу потоа ни пристигна освежениот 01. Очекувањата од освежениот 01 се доста големи, со оглед на тоа какви впечатоци остави претходниот модел, така да, ајде да видиме како се покажа.
Korrmotive го тестира освежениот Lynk & Co 01

Korrmotive
На тест кај Korrmotive пристигна освежениот Lynk & Co 01, со максималниот More пакет на опременост и бела боја. Иако навидум не се чини како да има многу промени, одблиску се забележуваат некои значајни новости. За оние што се сеќаваат на претходниот 01, можеби одма забележавте дека сините акценти однадвор веќе ги нема. Да додадам, сината боја општо веќе ја нема во понудата. Заедно со белава се достапни црна и една симпатична темно зелена.

Korrmotive
Однапред изгледа многу слично, со тоа што има минимално освежување на предната маска. Од страна ќе ги забележите новите фелни, кои се исто 20-инчни во овој пакет како што беа и претходно, а основниот модел има 19-инчни.

Korrmotive
Исто кај овој модел имаше доста црни акценти, меѓу кои кровот, кваките, и делот околу приклучокот за полнач на предното крило. На задниот дел промените се за нијанса позабележливи, сега имаме целосен light bar и малку променета форма на стоп светлата, и за жал, повеќе нема два издуви долу во браникот.

Korrmotive
Генерално, промените кај освежениот 01 се суптилни, а тоа значи дека е и понатаму многу фраерски и интересен дизајн. Дефинитивно е доволно уникатен за да се издвои, а знаеме сите дека во овој сегмент тоа е исклучително важно. Претходниот дизајн на фелни малку повеќе ми се допаѓаше, но освен тоа, дизајнов е навистина многу впечатлив и интересен, и го доведува во ред со остатокот од понудата на Lynk & Co.
А што го движи освежениот 01?
Најголемите промени се во погонскиот систем

Korrmotive
За фејслифтираниот Lynk & Co 01 најголемата новост се крие во погонскиот систем. Кај нас моделот останува исклучиво плаг-ин хибрид, и понатаму вкупниот системски износ му е 276 коњи. Промените се гледаат одма во сите делови што го сочинуваат системот.
Бензинскиот мотор и понатаму е 1.5, но сега има четири цилиндри наместо три. Сам по себе има 137 коњи, но интересен момент е што сега електромоторот има дури и малку повеќе од бензинецот, конкретно 143 коњи. Електромоторот добива сила од батерија со 17.7 kWh капацитет, а тоа значи и вкупен вртежен момент од 535 Nm.

Korrmotive
Сето тоа оди до предните (и само до предните) тркала преку 3-степен DHT автоматски менувач, кој е исто новитет сам по себе, и го заменува 7-степениот DCT од претходната генерација. Од Lynk & Co тврдат забрзување до стотка за 7.7 секунди, и максимална брзина од 200 км/ч.
Што значи сето ова во пракса? Ајде да видиме какво беше искуството зад воланот на 01, почнувајќи со градската вожња, секако.

Korrmotive
Режимите за возење Pure, Hybrid и Power се истите како претходно, и сите од нив ги имаат речиси истите карактеристики. Моја препорака е да си седите во Hybrid цело време, бидејќи така електромоторот и бензинскиот мотор работат во тандем најоптимално. Во град се приметуваат одма бенефитите од плаг-ин хибриден погон.
Генерално, на пониски брзини ќе возите на струја, и бензинскиот мотор ќе се вклучува повремено. Поради DHT трансмисијата, кога се вклучува моторот може одма да скокне на високи вртежи, и тоа е сосем нормално. Сепак, грото од времето работи на струја, што значи скоро никакви вибрации и многу малку звук, што ви остава доволно простор да уживате во Harman Infinity озвучувањето, кое е и понатаму фантастично.

Korrmotive
Малку ми беше криво дека веќе нема посебна опција за бензинскиот мотор да биде генератор за електромоторот; најефективен начин да ја полните батеријата со возење е да префрлите во режимот Power, каде што бензинецот работи цело време и општо сѐ е далеку пореспонзивно.
Се отежнува сервото, и општо многу побрзо реагира на давање гас. Дефинитивно се чувствува побрз од што е, и како што беше и случајот со претходниот 01, и понатаму ќе ви донесе насмевка при динамично возење. Инженерите на Lynk & Co пак успеале солидно да ја покријат тежината.
Знам дека ве интересира потрошувачка и полнење. Од Lynk & Co тврдат потрошувачка од околу литар бензин (да, еден литар) на 100 км, и доколку го возите 01 како што треба и го оптимизирате стилот на возење, таа бројка е апсолутно достижна, дури може и помалку од литар.

Korrmotive
Ама еве, да кажеме дека батеријата е празна, и ќе морате да возите на бензин цело време. Без секирации, и тоа го испробав, и во таа ситуација можете да очекувате околу 6 литри бензин на 100 километри, што е апсолутно за почит, и е речиси исто со официјалната бројка кажана од Lynk & Co. Меѓутоа, ако батеријата ја полните редовно, како што е и препорачано за плаг-ин хибрид, повеќето од секојдневните активности ќе ви бидат на струја, и скоро ич бензин нема да потрошите.

Korrmotive
Кога сме кај полнење на батеријата, од Lynk & Co тврдат до 75 км опсег само на струја, а вградениот AC полнач од 6.6 kW значи полнење на батеријата од 0% до 100% ќе трае околу три часа. Бидејќи ова е плаг-ин хибрид и има backup бензински мотор, поголеми се шансите да стигне батеријата до 0% и да се полни до 100%, но јас пак би препорачал да си полните кога-како ќе најдете полнач, пример додека вршите некакви обврски. Нека си има батеријата цело време барем малку.

Korrmotive
На автопат исто беше одлично. Од Kumho гумите скоро никакви звуци, а и моторот кога ќе се смири не се слуша. Имаше по некои ситни звуци од ветерот, но едвај се забележуваше, а ако имате музика пуштено, нема да ги слушнете ни нив.

Korrmotive
Исто многу ме изненади амортизацијата; и покрај тоа што овој модел беше со 20-инчни тркала, многу добро апсорбираше дупки. Перформансите се навистина одлични, и респонзивноста на целиот погонски систем е навистина за пофалба. Единствено малку ми фалеше звукот на мотор со три цилиндри што го имаше претходно, но сепак, искуството зад воланот на 01 останува одлично.
Значително освежен ентериер

Korrmotive
Со цел да биде во линија со другите модели на Lynk & Co, ентериерот на 01 претрпува значителни промени. Освен што има нов тапацир на седиштата и на контролната табла со симпатични жолти шевови, и генерално квалитетот на изработка е далеку попремиум, екранот за информации зад волан и инфозабавниот систем се речиси истите како кај 02 и новиот 08.
Графиката на екранот за возачот е јасна и лесна за читање, но би сакал да имаше малку повеќе опции за конфигурација. Инфозабавниот екран, кој е сега 15.4 инчи, исто така работи на новиот софтвер на Lynk & Co.

Korrmotive
Системот е многу респонзивен, ми се допаѓа и графиката многу, и сѐ си работи како што треба, вклучувајќи и безжичното Apple CarPlay поврзување. Дали ми фалат физичките контроли? Малку. Дали лесно ќе се снајдете и со новиов систем? Апсолутно.
Воланот и менувачот се исти, само што сега мрдање на менувачот лево-десно е за подесување на регенеративното кочење (кое е одлично), бидејќи сепак е друг тип на трансмисија. Веќе го спомнав фантастичното Infinity озвучување кое доаѓа стандардно на More пакетот, а ги има и сите безбедносни системи на кои што ви текнува, како и еден куп друга опрема. Сончев кров, греење на седишта, 360-степенска камера, предни и задни сензори, асистенција за долги светла, амбиентално осветлување во која боја сакате итн.

Korrmotive
Прегледноста е исто одлична, и има еден куп подесување во возачката позиција, а на овој пакет има и меморија за седиштето. Мислам дека најголемата забелешка ми е тоа што апсолутно нема никаква потреба отварањето на фиоката на совозачката страна да се изведува преку екранот.
Освен тоа, после малку навикнување, ентериерот на 01 е одлично место за поминување време. На задната клупа има многу простор, а багажникот нуди 466 литри капацитет со задната клупа во нормална позиција, а таа бројка станува 1.213 литри со преклопување на задната клупа.
Одлично му дојде освежувањето на Lynk & Co 01

Korrmotive
Освен што е сега во линија со останатите модели на брендот, Lynk & Co и понатаму останува одличен билет за влез во светот на плаг-ин хибридните возила. Новиот модел воведува многу нова технологија на која ќе треба малку навикнување, и погонскиот систем трпи доста големи промени, но откако ќе легне сето тоа, повторно се враќаме на истото: Lynk & Co 01 е и понатаму одличен автомобил.
ОЦЕНА: 9 / 10
Од времето на објавување, акциска цена за Core пакетот е 39.990 евра, додека за More пакетот е 44.990 евра.
Редовна почетна цена за Lynk & Co 01 е 41.990 евра.
Редовна цена на тестираниот модел е 46.990 евра.
За повеќе инфо, посетете ја официјалната веб страна на Lynk & Co, или пак продажниот салон во Скопје.


