KORRMOTIVE ТЕСТ: Lynk & Co 02
- Марко Соколовски
- Aug 14
- 7 min read
Знаете ли што ни фали долго време? Електрични возила со голема вредност за парите, односно bang for the buck. То ест, да бидеме реални, општо ни фалеа електрични возила. Ова ми е прв пат после повеќе од година дена да сум зад волан на ЕВ, и чекањето апсолутно вредеше.
За што се работи? За електрично возило од брендот кој не го промашува своето влегување во било каков автомобилски сегмент
Korrmotive го тестира Lynk & Co 02

Korrmotive
Кај Korrmotive на тест пристигна Lynk & Co 02, со More ниво на опрема, т.е фул опрема, и оваа прекрасна Cosmic Blue металик сина боја. Lynk & Co 02 всушност го носи името Z20 во Кина, но во Европа е првото ЕВ на Lynk & Co, па затоа има смисла да се вика 02.
Иако ја спомнувам Кина, не е фер за 02 да се каже дека е кинески автомобил, бидејќи, како што спомнавме и минатиот пат со Lynk & Co, фирмата има седиште во Шведска, а возилата се склопуваат во Кина. Lynk & Co се кинески автомобили колку што се и Volvo, а и тие веќе долго време се склопуваат во Кина.

Korrmotive
Океј, доста географија, ајде да почнеме со дизајнот на 02. Уникатно? Дефинитивно. Од Lynk & Co овој дизајн го нарекуваат аеродраматичен, и мислам дека би можеле да се сложиме со тоа.
На предниот дел се истакнуваат двосегментските LED светла, еден од новите заштитни знаци на Lynk & Co, а под нив, на најдолниот можен дел од браникот, се соборените светла.
Во средина е и малиот отвор за ладење, кој на More може активно да се отвара и затвора, во зависност од тоа колку греење и ладење ѝ треба на батеријата. Тој систем функционира во тандем со грејната пумпа, која исто доаѓа стандардно на More пакетот.

Korrmotive
Од страна имаме еден типичен купе-кросовер дизајн, со наклонета кровна линија, а More моделот доаѓа со 20-инчни фелни. Тука и јасно се гледа филозофијата тркало-на-секој-агол, што би требало да овозможи многу простор во внатрешноста.
Позади имаме еден многу трендовски light bar кој ја сече петтата врата на два дела, Lynk & Co знакот испишан во средина, како и сребрен детал во браникот долу кој некако има многу смисла. Многу личи.

Korrmotive
Дизајнов можеби нема да биде по сечиј вкус, ама едно нешто мислам дека сите ќе се сложиме: оригинален е. Да, го следи шаблонот на електричен купе кросовер, но ова е една ретка ситуација каде што има еден скроз уникатен визуелен идентитет. Мислам дека нема шанси да го помешате со нешто друго, а во овој сегмент тоа е од исклучителна важност, и дефинитивно му оди во прилог на 02.
А што го движи 02?
Фантастичен електричен погон

Korrmotive
Во моментов, Lynk & Co 02 e достапен со една комбинација за погонот. На задната оска има еден електромотор кој испорачува 272 коњи, односно 200 kw. Силата ја добива од батериска кутија со NMC хемија, т.е никел-метал-кадмиум, стабилна и софистицирана хемија со одлична енергетска ефикасност, и капацитет од 66 kWh.

Korrmotive
Според WLTP, максималниот опсег во комбинирано возење е 445 километри, ама ќе се вратиме на тоа. 0-100 се случува за околу 5.5 секунди, а кога сме кај брзина, полнење на класичен AC полнач (како тие на ЕВН) зависи од опремата. Core моделот доаѓа со 11 kW вграден полнач, а More доаѓа со 22 kW вграден полнач.
Според Lynk & Co, полнење на More моделот трае околу четири и пол часа. Секако, може да се полни и на DC полнач до 150 kW, при што полнењето од 10% до 80% ќе трае околу 30 минути.

Korrmotive
Што значи сето тоа во пракса? Да почнеме со градската вожња, нешто што би требало да му е силна страна на 02. Замислете, силна страна му е.
Освен еден од главните бенефити на електрични возила, речиси тотална тишина на градски брзини, нешто што многу пријатно ме изненади кај 02 е суспензијата.
Обично електрични возила, од разноразни причини, имаат прилично тврда суспензија. На 02 не е којзнае колку мека, но сепак е сосема пријатна, и одлично ги апсорбира познатите дупки на скопските улици. Пазете, ова беше со 20-инчни тркала, претпоставувам дека моделот со 19-инчни е уште подобар во овој аспект.

Korrmotive
Знам дека ќе ве интересира потрошувачка на струја, а со тоа и реален опсег. Во викендот пројден со Lynk & Co 02, што вклучуваше возење во Eco и Comfort, и по малку Sport, и во град и на отворено, успеав да извадам 13.9 kWh на 100 километри. После малку математика, утврдуваме дека реалниот опсег на струја со таа потрошувачка излегува речиси 475 км. Не само што опсегот одреден од WLTP е реален, туку може и да се надмине.

Korrmotive
Прегледноста од напред е одлична. Тешко е ова да се долови на текст или слика, но некако точно знаете каде е предниот дел, и покрај тоа што е кросовер, не е нешто особено висок, и не се гледа ништо од хаубата бидејќи е наклонета надолу. Позади прегледноста можеше да биде малку подобра, но големината на задната шофершајбна се должи скоро исклучиво на формата на 02, а секако, тука се камерите и сензорите да помогнат.
Камери и сензори ме потсети да ви кажам за безбедноста. 02 ги има сите безбедносни системи што ви текнуваат и не ви текнуваат, меѓу кои и Pilot Assist, кој следи како се искривува автопатот и управува наместо вас. Секако, си бара држење на волан и гледање низ шофершајбна.

Korrmotive
Сензорот поставен позади воланот ве гледа цело време. Доколку тргнете поглед подолго време, ќе ве предупреди, што ми беше мал оксиморон со оглед на тоа дека многу функции има во инфозабавниот систем и ќе треба малку тргање поглед.
Како и да е, ова сум го видел и претходно, но не сум видел системот да ме види како зевам, и веднаш да ме предупреди да застанам и да се одморам. И покрај тоа што не беше зорт во конкретнава ситуација, доста паметно решение.

Korrmotive
Има и посебен Refresh mode, кој пушта малку upbeat музика и дува ладен воздух за да ве освежи и расони. Можеби најинтересно беше Rest mode, кој е достапен само на овој пакет на опрема. Ги навалува предните седишта, ви пушта тивка музика и пријатни графики на екранот. Многу паметно ако треба да застанете на полнач, а не ви се излегува од кола.
Океј, да се вратиме на искуството зад волан. На отворен пат Lynk & Co 02 се покажа супер. Бидејќи е електричен, нема никаков проблем со качување брзина скоро одма. Освен минималните звуци од ветерот, за кои делумно се виновни frameless прозорците, немаше никакви интрусивни звуци. Continental EcoContact 6Q гумите на овој модел беа доста тивки, и генерално, искуството на отворен пат е одлично, пријатно.

Korrmotive
Тука е добро време да спомнам дека освен стандардните Eco, Comfort и Sport режими, има и Individual кои сами си го конфигурирате. Lynk & Co 02 исто нуди и комплетен режим за возење со една педала, и мислам дека ова е најдобра интеграција што сум ја искусил. Навистина може да се запре целосно, без вие било што да правите со педалата за кочење.
При динамично возење, сите силни страни на ЕВ, а особено со мотор поставен позади си дојдоа до израз. Ниско тежиште, инстантен вртежен момент, и добра снага придонесоа да Lynk & Co 02 да ми стави една голема насмевка. Сѐ на сѐ, ова е едно од најкомплетните и најинтересните искуства кои сум ги имал зад волан на ЕВ. Секоја чест.
Минимализмот владее во внатрешноста

Korrmotive
Вакви работи ретко среќаваме. Ентериерот на Lynk & Co 02 е многу едноставен; имаш волан, имаш екран за инструментите, Co:Box просторот меѓу седишта за одлагање предмети кој потсеќа на оние маски за iPad, два држачи за шишиња, два безжични полначи за мобилен и… тоа е тоа. За сѐ друго што ви треба ќе си го прашате 15-инчниот инфозабавен екран во средината.
Знам дека ќе има многу скептици за оваа работа, и искрено да ви кажам, и јас бев скептик малку. Испадна дека воопшто не е страшно како што мислев. Екранот е доста респонзивен, графиката е пријатна, и иако има еден куп опции и си бара време да ги научите сите функции, најбитните опции се одма на дофат и не бараат многу долго гледање во екранот. Другото е работи што се подесуваат еднаш и се оставаат.

Korrmotive
Apple CarPlay си работеше беспрекорно и безжично, а едниот USB-C приклучок напред може да испорача до 60W. Батали телефон, лаптопот на кој го пишувам ова можам да го полнам таму без проблем. А да, може да се користи и како HDMI приклучок за да си поврзете конзола за играње, има посебен режим за тоа.
Инаку, нема копче за палење. Всушност, Lynk & Co 02 е технички цело време вклучен откако ќе го отклучите. Ваше е само да ставите во брзина и да цепате. Се гаси во права смисла само кога ќе го заклучите. Знам дека звучи чудно тоа, но кај 02 овој систем функционира многу сигурно, и после тие неколку дена поминати со него, природно ми доаѓаше сето тоа. Само седни, стави во drive, и вози.

Korrmotive
Мала забелешка за ентериерот ми беше дека сончевиот кров не се отвара, но сепак е многу силно затемнет, што значи дека нема да ви смета сонце преку ден. Ја спомнав и прегледноста низ задното стакло, но пак ќе кажам, камерите многу помагаат при паркирање, така да, океј е.
И покрај тоа што ентериеров беше во малку анонимна сива боја, пак беше полн со карактер. Ситните жолти детали, дизајнот на воланот, реактивната лента за амбиентално осветлување по цела контролна табла, DRIVE SAFE мотивот на вратите, некој навистина се потрудил со дизајнот.

Korrmotive
Богами и со квалитетот се потрудиле, сѐ е солидно изработено и со многу квалитетни материјали, а исклучиво пофалби имам и за Harman/Kardon озвучувањето, кое доаѓа стандардно на More пакетот. Има доста места за одлагање на предмети, меѓу кои најинтересен ми беше претходно спомнатиот Co:Box.
Позади има сосем доволно простор за патници, и покрај тоа што средното седиште е прилично мало, подот е целосно рамен, така да, доколку се појави ситуација за тројца позади, нема да е страшно.
Багажникот нуди 410 литри простор, кои стануваат 1.345 литри со преклопување на задната клупа. Бидејќи е ЕВ, под хауба имате уште еден мал багажник од 15 литри, а некој од инженерите е многу вицкаст, бидејќи внатре во предниот багажник пишува "Nope, no engine here." Добра смисла за хумор, дефинитивно :)
Lynk & Co со уште еден бомбастичен влез

Korrmotive
Кога го возев Lynk & Co 01 зимоска, цврсто кажав дека така се влегува во нов пазар. После 01, Lynk & Co направи уште еден бомбастичен влез во жешкиот свет на Б-сегмент електрични кросовери. Ова е едно од најкомплетните ЕВ искуства кои сум ги имал, и пак ќе кажам, value for money пропозицијата е на друго ниво.
Од срце, фантастична кола.
ОЦЕНА: 9 / 10
Почетна цена за Lynk & Co 02 е 35.990 евра.
Цената на тестираниот модел е 39.990 евра.
За повеќе инфо, посетете ја официјалната страна на Lynk & Co, или пак продажниот салон во Скопје.
Цените се точни од времето на објавување.