top of page

KORRMOTIVE ТЕСТ: MG ZS Hybrid+

  • Writer: Марко Соколовски
    Марко Соколовски
  • Oct 20
  • 6 min read

Една деликатна работа кај автомобилите е колку е лесно да се пренатрупаат со технологија. Со други зброви, тешко е да се направи идеална комбинација од модерна, современа технологија, но и тоа да биде на посуптилен, но сепак на ефикасен начин.


Дали тоа им успеа на MG? Ајде да видиме.


Korrmotive го тестира MG ZS Hybrid+


ree

Korrmotive


Кај Korrmotive на тест пристигна новиот MG ZS Hybrid+, со Comfort (средно ниво) опрема и оваа симпатична Diamond металик црвена боја. Прво мислев дека се работи за многу темелен фејслифт на досегашниот MG ZS, но тоа не е случајот, ова е сосема нова генерација на најмалиот SUV модел на брендот.


Иако MG се нуди на нашиов пазар веќе подолго време, ова е втор пат да седнам зад воланот на еден од нивните модели. Од кога стигнаа кај нас до денес, видовме неколку промени кај моделите, и тоа се гледа јасно и кај новиот ZS.


ree

Korrmotive


Прво нешто што вреди да се спомне е што новиот ZS го носи новиот дизајнерски јазик на MG. На предниот дел имаме доста агресивна маска, и логото е преселено на хаубата. Иако е и понатаму доста агресивен и импозантен, тоа го изведува на малку подруг начин.


ree

Korrmotive

Профилот е многу сличен, во глобала, но една работа што фотографии не можат да ја доловат е тоа што ZS e прилично висок автомобил. Не се мисли на растојанието од тло, туку конкретно за каросериските димензии. Тоа се одразува ептен позитивно на просторот внатре, но за тоа малку подоцна.


ree

Korrmotive

Позади имаме освежување за светлосните групи, како и нов дизајн на петта врата што сега ја вклопува регистрацијата. За жал, отварањето на петтата врата со MG знакот се пензионираше со претходната генерација, ама овој дизајн некако ми се допаѓа повеќе, барем од функционална гледна точка. Не можам да го кажам истото за украсите долу на браникот кои личат на издуви.


Освен тоа, ми се допаѓа дизајнот на ZS Hybrid+. Една добра модернизација и освежување, и иако не е најдивиот дизајн што сум го видел во последно време, сепак е доста модерен и доста суптилен. Понекогаш, тоа е побитно. Темно зелената боја е сепак подобра, но и црвенава го личи убаво.


А што го движи ZS Hybrid+?


Поинаков хибриден погон


ree

Korrmotive


Зошто е поинаков? Што се однесува до самополнечки хибриди, кинезите претпочитаат power split хибридни системи во однос на сериски и паралелни. Ќе дојдеме и до што точно значи тоа, ама прво ќе ве замарам со малку цифри.


Основата на ZS Hybrid+ е 1.5 атмосферски бензинец, кој сам по себе испорачува само 102 коњи. Потоа имаме мал електромотор и мала батерија од 1.83 kWh. Максималната сила на погонскиот систем е 194 коњи. Не, не утнав во пишување, 194 коњи и 465(!) Nm вртежен момент.


ree

Korrmotive

Секако, тоа оди до предните тркала преку 3-степен DHT автоматски менувач, односно посветена хибридна трансмисија. Не се секирајте, ќе има објаснување и за тоа.


Ајде да видиме сите овие бројки што значат во пракса, и почнуваме како и вообичаено со градската вожња. Кога хибридниот систем работи со целосен капацитет, доста се мали шансите дека бензинскиот мотор ќе се вклучи на брзини до кај 50 км/ч. Може на ладен старт ќе се вклучи за да се загрее, но најчесто при тргнување од семафор ќе возите исклучиво на струја. Секако, дисплејот пред возачот сето тоа ќе го прикаже јасно. 


ree

Korrmotive

Тука се гледаат и бенефитите на power split хибридниот систем; сам одредува кој дел од погонот ќе работи на која брзина и во кој момент, и во комбинација со таа DHT трансмисија, може точно да го одреди функционирањето на погонот, во зависност од тоа дали е потребна подобра ефикасност или повеќе перформанси.


ree

Korrmotive


Бидејќи бензинецот ретко се вклучуваше при градски брзини и при градско забрзување, одма знаев дека станува збор за DHT менувач. Ова исто значи и инстантен одговор од гаста и чувство како да е побрзо од што навистина е, типични карактеристики за целосно електрични возила. 


Од време на време знае да се вклучи бензинецот, и може одма да скокне на повисоки вртежи. Вреди да се спомне доколку не сте навикнати, но тоа е сосема нормално за овој тип на хибрид. Ситуација каде што моторот најмногу се вмешува во работата е кога се качувате на нагорнина. Бензинецот обавезно работи и тоа на повисоки вртежи.


ree

Korrmotive


Со ваков хибриден погон исто има и подесиво регенеративно кочење, и го пробав на најсилниот режим, и апсолутно може да се спореди со типичен електричен автомобил во тој поглед.


Знам дека ве интересира потрошувачка. Преку четирите дена пројдени со ZS Hybrid+, што вклучуваше повеќе типови на возење во повеќе типови на средини, успеав да извадам просечна потрошувачка од околу 6.5 литри на 100 км. Најниската бројка што ја видов беше 4.1 литри на 100 км, што е навистина импресивно. Штом го навикнете погонскиот систем и го оптимизирате стилот на возење, апсолутно можете потрошувачката да ја држите на околу 5-6 литри. 


Има и уште еден начин да ви ја доловам ефикасноста. Кога го земав ZS Hybrid+ првиот ден, покажуваше дека останува околу 670 км возење на тој (полн) резервоар. Кога го вратив по четири дена, опсегот беше 650 км, и резервоарот се немаше поместено ниту за една цртка. Мислам дека сето ова си говори само за себе.


ree

Korrmotive

Изненадувањата продолжија и во другите средини. На отворен пат, и покрај претходно споменатите надворешни димензии, скоро ништо од звуци од ветерот на отворен пат. Не кренав повеќе од околу 100 км/ч, бидејќи тестеров го немаше поминато break-in периодот за моторот (имаше околу 500 км поминати), но сѐ си беше ко што треба. 


Немаше никаков проблем со развивање и оддржување брзина, и имаше само минимално звуци од патот, но сепак сосема океј. Kumho гумите кои ги имаше тестерот супер си се покажаа, а со тоа, MG ZS Hybrid+ се придружува на растечкиот број кинески автомобили кои фабрички нудат квалитетна гума.


ree

Korrmotive


И тек сега најголемото изненадување: динамично возење. Иако не е автомобил кој поттикнува динамично возење, или барем тоа не им било во прв план на инженерите, дефинитивно не бил ни последен. Во Sport режимот малку отежнува сервото, и респонзивноста на погонскиот систем се качува, нормално, ама ме изненади способноста на ZS Hybrid+ во кривини. Директен, стабилен, и без премногу навалување. Една насмевка дефинитивно се појави. 


Со сигурност можам да кажам дека искуството зад воланот на MG ZS Hybrid+ е одлично.



Ентериерот е интересна комбинација од познато, но и модерно


ree

Korrmotive


Новата генерација на MG ZS добива и сосема нов ентериер. Има некои елементи позајмени од другите модели на MG, како воланот и инфозабавниот систем, но истовремено не се чувствува премногу несекојдневно, како да треба навикнување и учење. Ова го кажувам во многу позитивна смисла на зборот.


Функционалноста е приоритет во ентериеров, и не само што тоа се гледа, туку и се чувствува. Сѐ е на дофат, јасно обележано, нема многу комплицирани контроли или гласни безбедносни системи. Ги има нив, само не се гласни, да се разбереме. Културни.


ree

Korrmotive

Убедливо најинтересниот момент што едвај дочекав да не го спомнам до сега е тоа што контролерот на десниот крак на воланот може да се користи за подесување на климата, само треба да се стисне ѕвездата до него. Апсолутно и дефинитивно генијално, и тоа го мислам најискрено. Ваква слична финта имаше и во првата генерација на Lincoln Navigator, и мислам дека секаде треба да го има ова. Со ова ZS се извлече од тоа што нема физички контроли за климата.


Инфозабавниот систем има доста чист интерфејс, респонзивен е и лесен е за користење, само би сакал поврзувањето со смартфон да беше безжично, а жичаното да беше со USB-C наместо USB-A. Сепак, кога ќе се поврзете со кабел, и Apple CarPlay/Android Auto си работат супер. Системот за озвучување беше изненадувачки добар, и имаше ептен многу подесување во возачката позиција, така да сигурен сум дека ќе се снајдете по тоа прашање.


ree

Korrmotive


Можеби најголемото изненадување беше просторот за глава. Поради претходно споменатите пропорции, и покрај тоа што јас седам доста високо како и да е, MG ZS стварно нуди многу простор за главата, и генерално возачката позиција е многу добро смислена, а немам лош збор и за прегледноста и за местата за одлагање на предмети.


Само некои мали ситници фалеа од опрема на овој модел, како греење на седишта и предни паркинг сензори, но сето тоа, и повеќе, го има во највисокото ниво на опрема. На задната клупа исто имаше еден куп простор, а гепекот ви нуди одлични 443 литри капацитет, кои стануваат 1.457 литри со спуштање на задната клупа.


Едно големо и пријатно изненадување


ree

Korrmotive


Иако не успеав да ја тестирам претходната генерација на MG ZS, сепак тврдам со сигурност дека новава генерација е фантастична и е едно огромно подобрување на сите полиња. Достапен е и бензински мотор за кој сака, но мислам дека е огромна грешка ако не го одберете хибридот.


Дали MG ZS Hybrid+ успева да ја најде златната средина помеѓу иновативна технологија, но и ненаметливо, попристапно искуство? Апсолутно да. Комотно можам да кажам; едно од најголемите изненадувања годинава.


ОЦЕНА: 8.5 / 10


Почетна цена на MG ZS Hybrid+ изнесува 24.490 евра.

Цената на тестираниот модел изнесува 27.490 евра.


Цените се точни од времето на објавување. За повеќе инфо, посетете ја официјалната веб страна на MG Motor Македонија.


© 2025 Korrmotive. Сите права се заддржани.

  • White Facebook Icon
  • Instagram
bottom of page