KORRMOTIVE ТЕСТ: Opel Grandland
- Марко Соколовски
- Jun 2
- 8 min read
Дојдовме до средината на деценијава, а со тоа и дојдовме до времето Stellantis сериозно да ја освежи понудата на SUV модели, кои се сега поставени на STLA Medium платформата, со која што електрификацијата и технологијата е на прво место.
Знам, оддамна не сум тестирал нешто. Само што пристигна на тест уште еден STLA-M SUV со многу големи ветувања. Ајде да се вратиме во форма и да видиме за што се работи.
Korrmotive го тестира Opel Grandland

Korrmotive
Неколку месеци после пристигнувањето во Македонија, кај Korrmotive на тест пристигна новиот Opel Grandland Hybrid со GS опрема, како и оваа прекрасна Impakt Copper бронзена, т.е бакарна боја. Во моментов, само Edition и GS пакетите се нудат кај Grandland, со тоа што GS е врвниот пакет.

Korrmotive
Да започнеме, како и по обичај, со дизајнот. Искрено да ви кажам, кога излегоа првите фотки од Grandland, навистина бев пријатно изненаден. Не дека имаше нешто лошо со дизајнот на претходната генерација, но тој дизајн некако ми беше анонимен. Класичен, да, но анонимен.
Вторава генерација одма започнува силно. Прво морам да ја издвојам коцкастата форма на каросерија. За мене, секој SUV станува неколку проценти пошармантен доколку е изразито коцкаст или квадратест, и токму тоа е случајот и со Grandland. Поголем е од претходниот, секако, но со тоа има и повеќе авторитет и присуство.

Korrmotive
Предниот дел изгледа одлично, и со сигурност можам да кажам дека ова е најдобрата изведба на Opel Vizor до сега. Особено ми се допаѓа моментот што Opel знакот е сега во, да речам, витрина. Mе потсеќа, во позитивна смисла, на осмата генерација на Honda Civic, и тој модел имаше нешто слично.

Korrmotive
Страните се доста исчистени, сега профилот на Grandland е исправен и храбар, а и поминималистички. Позади го имаме првото присуство на light bar кај Opel возило, како и името на брендот испишано и осветлено, како што е толку модерно сега.
Сѐ на сѐ? Едноставен, но и впечатлив и многу решителен. Многу добар баланс на форма и функција, а стално ме радува кога тоа ќе го видам добро изиграно.
А што го движи Grandland?
Електрификацијата е битна работа кај Grandland

Korrmotive
Како што кажав погоре, ова е Grandland Hybrid, што во овој случај значи самополнечки хибрид. 1.2 бензинец со турбо и три цилиндри, мала батерија и мал електромотор ушушкан во автоматската трансмисија, која инаку има 6 степени и двојна спојка.
За овој погонски систем официјално важеше дека има 136 коњи, но според новата математика на Stellantis која го пресметува максималниот системски износ вклучувајќи го и електромоторот, вкупниот системски износ кај Grandland изнесува 145 коњи кои, секако, одат до предните тркала. 0-100, според Opel, се случува за 10.2 секунди, додека максималната брзина е 202 км/ч.
Освен тоа, Grandland е достапен и како PHEV со 1.6 турбо бензинец и поголеми електромотор и батерија, со вкупен износ од 195 коњи, кои стигаат до предните тркала преку 7-степен автоматик со двојна спојка. За крај, електричната изведба која има 213 коњи, батерија од 73 kWh и преден погон.

Korrmotive
Малку ми е криво што Grandland веќе не е достапен со AWD, но за она што ќе им треба на повеќето купувачи, не е проблем.
Како изгледа сето ова во пракса? Да започнеме, како по обичај, со градската вожња. Градската вожња е всушност средината каде што хибридниот систем навистина си доаѓа на своето. Од Opel тврдат дека грото од времето, системот може да работи исклучиво на електрична енергија, и само по потреба да го повика бензинскиот мотор.
Многу слично како кај Peugeot 3008, при тргнување (од семафор, рецимо) ќе имате малку бензински мотор, но штом ќе стабилизирате со гаста, ќе префрли на струја, и инструмент таблата ќе ве извести со тоа што приказот за брзината од бел станува син.

Korrmotive
Се слуша префрлањето од струја на бензин и обратно, но не е многу ударно или нагло. Плус, интересно е кога ќе се чуе моторот, но тоа е веројатно поради мојата слаба точка за звуците на мотори со три цилиндри.
Во градски услови, Grandland е смирен и пријатен за возење, седиштата се удобни (иако, од тоа што видов, не се сертифицирани од AGR), и суспензијата добро ги апсорбира прекрасните скопски дупки со оглед на тоа дека овој модел беше на 19-инчни тркала.

Korrmotive
Иако Grandland е доста голем SUV, паркирање и маневрирање не беше никаков проблем. Поради формата, релативно е лесно да се одреди кај му се ќошевите, а тука беа и камерите за паркирање и сензорите да помогнат.
Особено ме изненади радиусот на вртење, одличен е како за поголем SUV. Пофалби и за тоа што безбедносните системи не одеа на нерви, само културно предупредуваат. „Ве молам“ наместо „Ало! Држи лента!“

Korrmotive
Океј, да се уозбилиме малку. Знам дека ќе ве интересира потрошувачката кај Grandland, и тука повторно хибридниот систем си доаѓа на своето. Ќе ви кажам литри на 100 км, но прво ќе ви кажам една друга бројка. Кога го земав Grandland, екранот тврдеше дека имам 500 км опсег со полн резервоар гориво.
Првиот ден бев ултра претпазлив со гаста и возев речиси цело време во Eco режимот за возење, и до крајот на денот успеав да го качам проектираниот опсег на 800 км. Да, сериозен сум.
Но, знам дека ве интересира конкретна бројка. Во градски услови, Grandland троши околу 6.5 литри бензин на 100 км, а видов во неколку наврати и бројки кои почнуваа со 5. Истото важи и за автопат, и покрај тоа што ретко се уклучува електромоторот.

Korrmotive
Да потенцирам, Grandland Hybrid е самополнечки хибрид, и освен тоа што батеријата сама се полни додека возите на оптимален начин, има и регенеративно кочење. Би сакал да имаше опција да се подеси јачината, но регенеративното кочење многу има смисла тука, и добро е избалансирано. Плус, нели, ја полни батеријата.
Како е на отворено? Изненадувачки добро. Знам дека меѓу вас има скептици кои викаат „Абе друже, 145 коњи нели е малку за ваков тип на возило?“ Всушност, не е баш така.

Korrmotive
Забрзувањето на автопат од 30 до 120 беше многу интересно. Не лета, да кажам, но во исто време не се откажува, само качува брзина константно без мачење, сѐ до автопатски брзини.
Тоа што најмногу ме изненади за возењето на автопат е тоталниот недостаток на звуци од ветер. Ова не е најаеродинамичниот автомобил, но сепак немаше никаков звук од ветерот, дури и на 120 км/ч. Претпоставувам дека голем удел во тоа играат релативно малите ретровизори, но јас пре би поголеми ретровизори и малку повеќе звук од ветерот.

Korrmotive
Една работа што морам да ја кажам е што треба малку навикнување. Често се случува кога ќе застанете на семафор да се изгаси моторот, и со тоа колата се спрема да тргне од семафорот со електричниот мотор. Ако му дадете премногу гас, поради тоа што електромоторт е сместен внатре во менувачот, преодот од струја на бензин може да дојде малку нагло, но со нежно додавање гас, тоа не се случува.
Ова не е лоша работа, само е нешто што вреди да се спомне, за да овозможите најмазно и најоптимално возење и балансирање на хибридниот систем.

Korrmotive
Имаше малку повеќе звук од гумите и патот, но со оглед на тоа дека Michelin E.Primacy гумите кои ги имаше тестерот добиваат пофалби од сите страни за нивната акустика, ова го должам на нашите прекрасни(!) патишта. Другото си е одлично на отворен пат, а и ми се допаѓа тоа што иако не можете да возите на струја на овие брзини, сепак е овозможено префрлање на струја кога успорувате, а со тоа и полнење на батеријата.

Korrmotive
А како со динамично возење? Grandland не е спортски автомобил, и не се труди да биде. Не би го нарекол забавен, ама дефинитивно би го нарекол способен. Во Sport режимот на возење отежнува вртењето, но не на вештачки начин, и погонскиот систем е пореспонзивен. Има малку навалување во кривини, но тракцијата е добра, и сѐ на сѐ Grandland ви дава сигурност, секако, додека ги почитувате неговите граници.
Сума сумарум: Искуството зад воланот на Grandland беше квалитетно.
Форма и функција во тотална хармонија

Korrmotive
Новиот Grandland е огромна промена во однос на претходната генерација, и според мене, тоа многу се приметува во ентериерот. Промените се навистина драстични, во однос на технологија, но и во однос на квалитетот. Битна работа што многу ме изненади е количината на меки материјали, особено на горниот дел на контролната табла.
На некои места материјалите се потврди, но ако мене ме прашувате, тоа е сосема во ред поради една причина: скоро никакво присуство на сјајни материјали (тоа вклучува и пијано црни и хромирани).

Korrmotive
Позади новиот волан има помал екран со најважни информации за возачот, но heads-up дисплејот проектиран на шофершајбната надокнадува. Освен што има детални прикази и на двете, можат да покажуваат различни информации во исто време.
На пример, малиот екран позади воланот може да ви покажува брзина и патниот компјутер, а heads-up дисплејот може да ја покажува мапата за навигација. Одлична интеграција. Секако, во инфозабавниот систем имате опција да ги конфигурирате сите прикази, кои се менуваат со копчето на крајот на ракетата за светла и трепкачи.

Korrmotive
Кога сме кај инфозабавниот систем, ова е една од најинтересните форми на екран кои сум ги видел досега. Екранот е 16 инчи, но голем дел од тоа оди на ширина.
Иако не е многу висок, се простира на многу поширок простор. На екранот го наоѓаме најновиот инфозабавен софтвер на Stellantis, кој е далеку пореспонзивен и со попријатни графики и анимации отколку претходниот.

Korrmotive
Имаше некои ситни багови, но Grandland поддржува over-the-air ажурирање на софтверот (односно, не треба да одите до сервисен центар за нова верзија на софтверот), така да, тоа лесно ќе може да се корегира. Секако, има поврзување за смартфон, и со кабел и безжично.
Под екранот имаме неколку одбрани физички контроли, некои од нив за клима уредот, некои се за брз пристап до опции во екранот, како и јачина на звук од аудио системот (кој е инаку супер).

Korrmotive
Во централната конзола е можеби најинтересниот детаљ во ентериерот на Grandland, а тоа е проѕирниот украсен дел поставен врз безжичниот полнач за мобилен. Освен што е проѕирен, има и амбиентално осветлување. Кога сме кај тоа, амбиенталното осветлување е доста суптилно во Grandland, што е сосема во ред, само би сакал да имаше малку поголем избор на бои.

Korrmotive
Има и доста простори за одлагање предмети, а морам да ги издвојам држачите за чаши. Држачи со подесиви прегради сме виделе многу пати до сега, но не сум видел преградите да се лизгаат. Ова овозможува или три исти држачи, или два огромни, или пак еден голем и два мали. Генијално! И многу германско :)
Простор на задната клупа има во изобилие, и еден бенефит на мултиенергетската STLA-M платформа е тоа што подот е 99% рамен, а поради тоа што Grandland е широк, има сосем доволно простор за тројца. Багажникот има 550 литри капацитет со сите седишта горе, и поради квадратестата форма, можете многу добро да го искористите просторот. Една работа што ме зачуди малку е тоа што овој модел немаше автоматско отварање на петтата врата.
Со оглед на тоа дека ова е голем семеен SUV, би очекувал тоа да дојде стандардно. Мој совет би бил да го додадете тоа. Исто би додал и рачка за спуштање на задните седишта од гепекот, наместо да треба преку кабина. Со спуштање на задните седишта (кои се корисно поделени 40/20/40), капацитетот се зголемува на 1.645 литри.
Новиот Opel Grandland е огромен чекор напред

Korrmotive
Првата генерација на Opel Grandland имаше многу добри страни, но имаше малку поанонимен настап. Тоа веќе не е случајот. Ќе се послужам малце со англиски термин пак, но втората генерација Opel Grandland e leaps and bounds над првата. Многу похрабро поставување, многу повеќе внимание кон деталите, и одлично севкупно искуство. Со други зборови, новиот Opel Grandland е одличен SUV.
ОЦЕНА: 8.5 / 10
Цената на тестираниот модел изнесува 41.930 евра, додека промотивната почетна цена на Grandland изнесува 32.990 евра. За повеќе информации, посетете ја веб страната на Opel Македонија, или пак салонот на Opel во Скопје.
Цените се точни од времето на објавување.