KORRMOTIVE ТЕСТ: Opel Mokka
- Марко Соколовски
- Jul 13
- 5 min read
Пред неколку години, кога Korrmotive уште беше познато по моминското Korr, Opel Mokka беше едно од првите возила кои ги тестирав. Од тогаш, Mokka стана еден од најпопуларните мали кроосвери на нашиот пазар, и имаше многу причини зошто.
Пред околу месец дена, кај нас пристигна освежената Opel Mokka. Дали дојде време пак да седнеме зад воланот на Mokka, овој пат со подетален тест и со убави фотки кои минатиот пат ги немаше? Па јас мислам да…
Korrmotive ја тестира освежената Opel Mokka

Korrmotive
Кај Korrmotive на тест пристигна редизајнираната Opel Mokka, со GS ниво на опрема и оваа showstopping боја наречена Tropical Green. Всушност, оваа боја е ефективна замена за Matcha Green кај претходната Mokka, и можам да кажам дека оваа е уште поинтересна и повпечатлива.
Mokka е со нас веќе неколку години, и ги има многу по градските улици, така да, мислам дека веќе ви е позната на сите. Да се заддржиме на сѐ што е ново кај освежената Mokka. Vizor дизајнот напред е речиси ист, со тоа што го имаме новото Opel Blitz знакче (во црна боја тука), како и малку освежени светлосни групи кои потсетуваат на поголемите Frontera и Grandland. Со тоа, дизајнот на Mokka е во склад со семејството SUV модели на брендот.

Korrmotive
Од страна, украсните црни делови околу тркалата и на долниот дел се сега во сјајно црна боја наместо мат црна, да потсеќа малку повеќе на Mokka Electric. Има и нов дизајн за 18-инчните алу фелни достапни на највисокиот пакет на опрема, но овој модел има 17-инчни кои отсекогаш биле достапни на Mokka.
Позади, малку освежени стоп светла, новото Opel знакче (во црна боја исто така), а тука и Mokka знакот беше црн, како и целиот кров.

Korrmotive
Моето мислење за дизајнот на Mokka не се сменило. Храбар, интересен, и дефинитивно малку поразличен. Отсекогаш ми се допаѓала рамната хауба, како и тоа што задниот дел има исклучително мало надвиснување, што придонесува до тој естетик на тркало на секој агол. Наклонетиот кров исто така изгледа интересно. Сѐ на сѐ, Mokka ќе сврти погледи на улица, особено во оваа боја.
А што ја движи Mokka?
Проверена комбинација од три цилиндри и автоматик

Korrmotive
Сосем случајно, овој тестер ја има истата комбинација на мотор и менувач како и претходниот тестер. 1.2 турбо бензинец со три цилиндри и 130 коњи, спарени со класичен 8-степен автоматик. Стотка се случува за околу 9 секунди, додека максималната брзина е 204 км/ч.
Тука вреди да се спомне дека понудата за мотори и менувачи кај Mokka е сега значително поедноставена. Освен оваа комбинација од 1.2 со 130 коњи и автоматик, истиот мотор е достапен и со 6-степен мануелен, каде што има 136 коњи. Понатаму, го имаме штедливиот Hybrid кој го испробав кај Grandland и Corsa.

Korrmotive
Истата приказна, 1.2 со 145 коњи и мал електромотор сместен во 6-степениот автоматик со двојна спојка. Секако, тука е и Mokka Electric, со предно поставен електромотор од 156 коњи и батерија од 54 kWh.
Прво одиме со градска вожња. Се слагаме сите дека е домашна територија за Mokka? Да? Нема многу што да се каже тука; Mokka супер се снаоѓа во градски услови. Автоматскиот менувач ја прави работата многу полесна, управувањето е исклучително лесно, моторот е тивок, прегледноста е сосема океј, како што би очекувале. Единствено нешто што би сакал да го издвојам е малку потврдата суспензија.

Korrmotive
Ми беше чудно малку, бидејќи овој модел беше на 17-инчни тркала, но според мене, треба суспензијата да е малку помека. Се подобрува на повисоки брзини, и нормално, тоа што е потврдо значи подобра стабилност при динамично возење, но мислам дека во следната ревизија, малу помеки амортизери супер би дошле.

Korrmotive
На автопат искуството беше сосема добро, минимални звуци од ветер, но ептен минимални звуци од патот. Goodyear гумите на овој модел се покажаа добро во тој аспект. 130 коњи на мал кросовер е повеќе од доволно снага, немаше проблем со качување и оддржување автопатски брзини, и сѐ си беше стабилно и сигурно. Плус, бидејќи менувачот има 8 степени, се подобрува и потрошувачката на гориво.

Korrmotive
Кога сме кај тоа, со оваа погонска комбинација, очекувајте околу 7 литри на 100 км во град, и околу 6 литри (некогаш и помалку) на отворен пат. Добра потрошувачка, но препорачувам да ставите во Eco доколку сакате да ги постигнете најдобрите можни бројки.
Погодивте, имаме три режими за возење, Eco, Normal и Sport, и мислам дека е јасно секој од нив што и како прави. Разликата меѓу Eco и Normal во однос на реакција на гаста е значителна, што ме изненади малку, а во Sport малку отежнува и сервото, но не на вештачки начин. Кога сме кај Sport, при динамично возење, Mokka не е спортски автомобил.

Korrmotive
Во ниеден случај не е лошо, ама не би го нарекол забавно. Сепак има доста тракција и стабилност за фаќање кривини со малку повисоки брзини, и секако, ќе го издвојам звукот на 1.2 моторот, кој секогаш ми предизвикува насмевки. Сѐ на сѐ? Солидно искуство зад воланот на Mokka.
Познат ентериер со значителни промени

Korrmotive
Ентериерот на Mokka останува скоро ист, но со некои значителни промени. Освен новиот софтвер на екраните за инструментите и мултимедијата, има и нов волан позајмен од Grandland, само што овде е минимално помал.
Приметив дека и прекинувачите за трепкачи и брисачи сега доаѓаат од Stellantis, додека кај претходната Mokka беа остатоци од GM. За мене најважната промена беше целосното отстранување на пијано црната пластика околу менувачот и копчето за режими на возење. Кај Grandland видовме колку се сериозни Opel за елиминирање на пијано пластики, и тоа многу ми се допаѓа.

Korrmotive
Но, пијано црните пластики сѐуште се тука, околу екраните. Знам зошто се тука, придонесуваат до ефектот на Pure Panel распоредот, па затоа им предлагам на Opel еден голем закривен дисплеј од возачка врата до средина. Секако, ова за следната генерација.
Инструмент таблата и мултимедијата веќе ни се познати од други Stellantis модели, и си функционираа супер. Респонзивни, лесни за користење, и со пријатна графика. Apple CarPlay супер си функционираше и со кабел и без кабел.

Korrmotive
Една интересна работа за Mokka е тоа што има физички копчиња за климата, барем повеќето од нив. Многу тактилни и пријатни за користење. Седиштата се доста удобни, ма да за таа работа не очекувам помалку од Opel, и квалитетот на изработка е одличен, германски.
Пак ќе кажам, не очекував помалку. Има по некој потврд материјал, но тоа е во ред за класата, а има и сосема доволно места за одлагање разноразни предмети.
На задните седишта има океј простор, можеби малку ќе треба да се симнете подолу ако сте повисоки. Гепекот нуди 350 литри простор, сосема океј бројка за оваа класа, а со спуштање на задните седишта добивате 1.105 литри.
Освежената Mokka останува паметен избор

Korrmotive
Opel Mokka е еден од најуспешните модели на Opel кај нас. Харизматичен дизајн, добра ергономија, добра технологија, и добар мотор, сето тоа си е на место и си говори само за себе. Добро ѝ доаѓа ова освежување, и неколку забелешки настрана, можам да кажам дека популарноста е оправдана.
ОЦЕНА: 8 / 10
Opel Mokka почнува од 21.990 евра.
Цената на тестираниот модел изнесува 23.970 евра.
За повеќе инфо посетете ја веб страната на Opel Македонија, или пак продажниот салон во Скопје.
Цените се точни од времето на објавување.