KORRMOTIVE ТЕСТ: Peugeot 208
- Марко Соколовски
- Feb 12
- 5 min read
Сте гледале ли некогаш филм каде што еден од ликовите вика „We go way back…“, односно дека подолго време се познава со еден од другите ликови? Тоа е случајот со мене и Peugeot 208.
Со претходната генерација на 208 научив да возам, така да мене ми е веќе добро познат, и подолго време ми е еден од омилените од Б-сегментот. Минатата година, 208 доби еден темелен фејслифт што го донесе во линија со другите модели на Peugeot.
Дали е сѐуште еден одличен Б-сегмент пакет? Ајде да видиме!
Korrmotive го тестира Peugeot 208

Korrmotive
Втората генерација на Peugeot 208, и покрај промените, е и понатаму на EMP1 платформата. Се појави во 2020 година, а во 2024 доби темелен фејслифт. На тест кај Korrmotive беше освежената 208, во Agueda Yellow жолта боја и основното Active ниво на опременост.
Да не се повторувам, ама стално се радувам кога имам некое помало возило на тест, како што е 208. Ми покажува дека сегментот на мали автомобили е сѐуште жив, и ако се посвети внимание на деталите, може да биде едно многу пријатно искуство.

Korrmotive
Како што ви кажав, тестерот е со основниот Active пакет и Agueda Yellow жолта надворешност. Иако веќе знам дека оваа боја нема да биде којзнае колку популарна, треба да биде. Стварно доаѓаат до израз сите детали на 208, и сѐ на сѐ е далеку повпечатлив. Едно е ваква жолта боја, а друго е сива или црна, како што повеќето од нив веројатно ќе бидат.
Што има ново кај фејслифтот? Искрено, не премногу, но сосем доволно за да се знае дека ова е нов модел. Единечните дневни светла напред, односно лавовските заби, сега имаат три сегменти. Целиот браник е освежен, како и предната маска, и нормално, сега го има и новото лого на Peugeot.

Korrmotive
Од страна скоро сѐ си е исто, освен тркалата. Во овој случај, тие имаат раткапни, но еден од новите заштитни знаци на Peugeot се тркала без краци. Тоа важи и за основниот модел со раткапни, но важи и за моделите повисоко во ланецот. Интересно и уникатно.
На задниот дел имаме малце освежени светла, сега со хоризонтални LED линии како и PEUGEOT испишано на средината во темни букви. Што се однесува до екстериерот и промените, тоа е тоа.
Отсекогаш ми се допаѓал дизајнот на 208, и тоа не се смени со новата генерација. Има еден баланс на остар и суптилен, што е тешко да се постигне општо кажано. Фејслифтот го доведе up to date, и не можам да ја допофалам жолтата боја. Бидете храбри, луѓе. Земете си жолта.
Океј, шала на страна, ајде да видиме што го движи 208.
Добро познат трицилиндрец

Korrmotive
Под хаубата на овој модел има 1.2 атмосферски бензинец од PureTech династијата, кој праќа 75 коњи до предните тркала преку 5-степен мануелец. Ако ова ви звучи познато, овој мотор е достапен во еден куп други Stellantis коли, но тука прв пат го пробав без никакво турбо или хибридна асистенција.
А кога сме кај тоа, достапни се и турбо верзиите на овој мотор кај 208, и тие додаваат уште еден степен на мануелецот, како и опција за 8-степен автоматик, го имаме и новиот хибрид со 100 или 136 коњи и 6-степен DCT, и секако, е-208 со еден електромотор од 156 коњски сили кој ги движи предните тркала.

Korrmotive
Сега знам што си викате. „75 коња? Малце е тоа, бе!“ Сфаќам, ама 208 ме изненади повеќе од што мислев.
Нормално, градот му е домашна територија на 208, па да започнеме од таму. Нема многу што да се каже, 208 е природно талентиран за градски услови.
Менувачот е многу лесен, воланот е многу лесен на ниски брзини (и многу ми беше интересно дека може да се осети кога отежнува како што се качува брзината), нема проблем со качување брзина релативно брзо по тргнување од семафор, многу лесен за паркирање. Знам дека се чини ко да штиклирам бинго тука, ама 208 навистина штиклира сѐ што треба за еден многу способен градски автомобил.
А да, да не заборавам, штиклира и добра потрошувачка. Околу 6 литри во град, а најчесто и помалку од тоа, а истото важи и на отворено.

Korrmotive
Кога сме кај отворено, сигурно мислите дека тие 75 коњи не се доволни тука, и да ви кажам право, и јас го мислев истото. Но, испадна дека сум грешка. Во ниеден момент не се чувствуваше како да му фали снага, 208 сосема комотно си вози 120 без да се мачи. Океј, реален муабет, ако планирате да возите на автопат многу често, би препорачал еден од посилните мотори. Но, ако возите претежно во град, и само од време на време на отворени патишта, овој мотор ќе ја заврши работата и подобро од што треба.
За динамичното возење имам позитивни коментари. Ова е сепак мал автомобил, и си бара малку газење за да се извади максималниот потенцијал од моторот, ама бидејќи е мал и релативно низок, навистина интересно се однесува во кривини. Ќе ви се појави една изненадна насмевка.
Познат и добро среден ентериер

Korrmotive
Ентериерот на 208 исто така доби неколку минимални промени, посуптилни од оние надвор. Воланот сега го има новото лого на Peugeot, а инфозабавниот екран во средина сега стандардно е 10 инчи наместо 7. Другото си е генерално исто, и тоа воопшто не е лоша работа.

Korrmotive
Екранот е лесен за користење, и Apple CarPlay си работеше добро, но препорачувам кабел за најстабилна конекција. Пијано дирките под екранот се пријатни за притискање, а инструмент таблата е многу јасна и лесна за читање. Бонус поени дека е аналогна, и бонус поени дека стрелката за вртежи се движи обратно од часовникот, како Aston Martin. :)
Седиштата се удобни и имаат доста подесување, менувачот е лесен за користење, и истото важи и за куплунгот, само од менувачот би ги тргнал сјајните детали од страните.

Korrmotive
Квалитетот е на доста високо ниво. Океј, повеќето од материјалите се потврди, но тоа и се очекува од ваков автомобил. Битно е дека сѐ е солидно склопено, и квалитетот на изработка е одличен. Ми се допадна многу тапацирот на седиштата и зелените шевови, добро ја акцентираат бојата. Карбонските детали изгледаат интересно, но не знам дали ова е правиот автомобил за такви детали. Можеби ако беше GTI или PSE. Системот за озвучување си е супер, и прегледноста од сите страни е исто така супер.
На задната клупа има сосема океј простор за нозете и за главата, со оглед на тоа дека ова е хечбек од Б-сегментот, а багажникот нуди 309 литри простор, што е повеќе од солидно за оваа класа.
Peugeot 208 и понатаму останува одличен избор

Korrmotive
Најмалиот модел на Peugeot си владее во Б-сегментот веќе подолго време. Често се наоѓа на списокот на најпродавани автомобили во Европа, и повеќе пати се има појавено на прво место. Иако ова не е моето прво искуство со 208, прво ми беше со новиот модел. Можам со сигурност да кажам дека 208 е бестселер со причина. Си ги врши сите задачи ко што треба, и ги врши со стил. Долго време е со нас, но како што оди изреката, still got it.
ОЦЕНА: 8.5/10
Цената на тестираниот модел изнесува 16.990 евра. За повеќе информации посетете ја официјалната веб страна на Peugeot Македонија или еден од салоните. Цените се точни од времето на објавување.