KORRMOTIVE ТЕСТ: Toyota Camry
- Марко Соколовски
- Feb 20
- 6 min read
Малку како да здосадија SUV модели. Да, многу се успешни, ама нема веќе спас од нив. Насекаде ги има, и секој бренд ги има по 100 во понуда. Со тоа малце почнаа да ги запоставуваат големите, D-сегмент лимузини.
Но, сегментот сѐуште има живот во него. Барем така мисли Toyota, кои и покрај тоа што го укинаа Camry за голем дел од европскиот пазар, и понатаму решија новата, деветта генерација да ја нудат во одбрани европски држави. Дали може да му го тргне погледот на купувачот од еден од милионте SUV модели на пазарот? Ајде да видиме!
Korrmotive го тестира Toyota Camry

Korrmotive
Знаете кај нас како викаат дека секој втор човек има VW Golf? Епа, Toyota Camry го има истиот ефект во Северна Америка, и тоа веќе некои 40 години. Кај Korrmotive на тест пристигна деветтата генерација на Camry, со Luxury пакетот на опременост и металик сива боја наречена Underground.
Иако ова е нова генерација на Camry, всушност има многу заедничко со претходната генерација, и тоа одма се познава во профилот: вратите и генералниот облик се многу слични, но многу под каросерија и од надвор е сменето значително, ама за тоа малку попосле.

Korrmotive
Има смисла зошто не е сѐ ново од нула, денешниот пазар си бара многу инвестиции во кросовери и во платформи за БЕВ, така да, пристапот на Toyota има најмногу логика. А не дека имаше нешто лошо со претходната генерација на Camry.
Најголемите промени во дизајнот се напред и позади. Camry ја добива новата карактеристична предница која ја гледаме кај повеќе Toyota модели, со hammerhead светла и една приметлива острина. Поголемиот дел од предната маска е во каросериската боја, што повеќе ми се допадна отколку што мислев.

Korrmotive
Од страна, има нова карактерна линија околу задното тркало, додека задниот дел добива нови стоп светла, името на моделот е сега испишано на средина на задниот дел, и го има и новиот HEV знак на Toyota со сината точка.
Сѐ на сѐ, многу ми се допаѓа дизајнот на Camry. Класична лимузина што не изиграва некаков си кросовер или пак купе. Модерен three box дизајн кој е изострен и дотеран таман како за нова генерација. Тркалата можеа да бидат за нијанса поголеми, но освен тоа, Camry дефинитивно остава впечаток вака на изглед. Дури и во сивата боја.
А што се случува под хауба? Никогаш нема да ви текне…
Каков и да е, само да е хибрид

Korrmotive
Во еден потег кој го приметуваме и кај други Toyota модели, новиот Camry доаѓа исклучиво како хибрид. Претходната генерација имаше обичен бензинец, дури и V6 кај америте, но сега е само хибрид ширум светот.
Се работи за 2.5 атмосферски бензинец кој работи на Милер циклусот, спарен со многу мал електромотор и многу мала батерија од околу 1 kWh. Ова се компонентите кои ја формираат петтата генерација на Toyota хибридниот систем. Вкупната моќност е 231 коњи, и тоа оди до предните тркала преку безстепен CVT автоматик.

Korrmotive
Малку ми е криво дека Camry нема да се нуди со AWD (4x4) кај нас, само Америка ќе може да ужива во тоа. Од друга страна, да бидеме реални, преден погон апсолутно ќе им заврши работа на повеќето купувачи.

Korrmotive
Да започнеме, како и обично, со градска вожња. Иако на Camry многу повеќе му лежи возење на отворено, добро се покажа и тука. Хибридниот систем на најефикасен начин менува од бензин во струја и обратно, и е речиси незабележливо. Инструмент таблата може да прикаже што и кога се случува, но освен минималниот звук, префрлувањето е seamless.
Знам дека ќе има секирации околу димензиите, а со тоа и за паркирање и за протнување во потесни места. Иако Camry е доста голем, нема да имате толку проблем да се снајдете и за паркинг и за протнување, а нормално тука се и камерите и сензорите да ви помогнат.
На брзини пониски од 30 км/ч, може да се вози и во EV режим, што комплетно го гаси моторот и ви штеди уште повеќе гориво. А кога сме кај тоа, обично тука ви разложувам потрошувачка во различни ситуации. Кај Camry нема потреба од разложување: без разлика како возите, потрошувачката ќе биде околу 6 литри.

Korrmotive
Не преувеличувам. Додека беше Camry кај мене го возев на сите можни начини, но не се мрдна дисплејот од 6.нешто литри на 100 км. Се симна и на 5.9 еднаш. Секоја чест!
Бидејќи не е SUV, нема речиси никакви звуци внатре додека возите на автопат. Скоро ништо од ветер, скоро ништо од гумите, сѐ е многу тивко и мирно, а тука помага и амортизацијата која е многу мека.
CVT менувачот има и нова калибрација, така да нема веќе заддржување на повисоки вртежи кога возите побрзо: штом стабилизирате на одредена брзина, вртежите паѓаат, а може и моторот целосно да се изгаси. Префрлете го во Sport, и менувачот може да симулира класичен автоматик со повеќе степени, но јас лично не најдов ситуација каде што беше потребно. Оставете го да си брка работа во D, и ќе си брка.
Седиштата се многу удобни, и имаат и греење и ладење, сѐ што ви останува е да уживате во долг пат.

Korrmotive
Во подинамични ситуации, сепак Camry не е спортски автомобил. Има Sport режим на возење, да, но не можам да кажам дека е забавен. Способен, апсолутно, ама не и забавен. Во случајов, тоа не е лоша работа. Комфор и релаксираност му се топ приоритети на Camry, и за тоа богами многу го бива.

Korrmotive
Сепак, управувањето е прилично директно, и има ептен малку навалување во кривини. За толку долг седан со помека суспензија, тоа можеби не би го очекувале, но Camry се покажа добро. А да, и ќе уживате во најголемата предност на атмосферец во комбинација со електромотор: инстантен одговор од гаста, особено во Sport.
Зошто не се сите ентериери вакви?

Korrmotive
Мислам дека Toyota виделе други денешни ентериери, и рекле „Не не, остај таа работа.“ Ентериерот на Camry не само што е многу убаво место за седење, одма се гледа дека никој не заборавил на деталите.
Само удрете поглед во контролната табла. Имаме сосема пристоен (односно не премногу голем) инфозабавен екран, а под него? Копчиња за клима уредот! И тоа за сите функции.

Korrmotive
Не се поделени, на пример, дел од нив во екранот а дел од нив во копчиња, за да поминете повеќе време не гледајќи низ шофершајбна. Сите копчиња поврзани со греење и ладење се вистински копчиња, и веднаш ќе се снајдете без да тргате поглед од било што, а и да треба да тргнете, ќе биде многу кратко. Клима уредот исто така има Nanoe-X технологија за филтрирање на воздухот од надвор. Како на нас да мислеле...

Korrmotive
Шала настрана, сѐ во Camry е како што треба. Скоро сите други команди се копчиња, единствениот исклучок се оние кои стварно не можат да бидат. Најновиот софтвер на Toyota го движи екранот, што значи пријатна графика и одлична респонзивност. Само не успеав да најдам опција да го изгасам титкањето кога ќе допрете на екранот.

Korrmotive
Apple CarPlay си работеше беспрекорно без кабел, а и JBL озвучувањето е одлично. Пред возачот има дигитална инструмент табла, со многу различни комбинации и режими. Малку е комплицирано подесувањето, но Toyota помислиле на тоа: мора да сте застанати во P (park) за да менувате некои од опциите.
Кожата на воланот е одлична, а и самиот волан е електрично подесив. Секако, и возачкото седиште е електрично подесиво, и има две празни места за меморија. Ми се допадна многу што менувачот е механички, добро чувство кога одите рецимо од P во D.

Korrmotive
Има индукциски полнач за мобилен, и многу места за криење и одлагање ситници. Па и не мора да се ситници: држачите за чаши во централната конзола собраа шише од 1.5л. Испробано, верифицирано. Не знам дали сум го видел тоа до сега, но би сакал да го гледам почесто. Бонус поени за минималното присуство на сјајни пластики.
Приказната за ентериерот на Camry станува поинтересна кога одите на задната клупа. Обично тука само ви кажувам дека има толку и толку место, и тоа е тоа. Кај Camry е друго. Да, вака вообичаено има три седишта позади, но ако нема никој во средина, можете да ја симнете конзолата од средното седиште.

Korrmotive
Таму имате разноразни опции за наслонот на задните седишта, греењето, јачината на звукот, како и задната мрежа за заштита од сонце. Право лимузинско искуство. Не знам дали ова е случајот со Camry на другите пазари, но да ви кажам право, не би ми сметало да ме вози шофер со Camry.
Багажникот се отвара автоматски, но мора рачно да го затворите. Ништо страшно, само вреди да се спомне. Багажникот нуди 493 литри простор, и тоа е тоа. Поради таа централна конзола на задната клупа, седиштата не се преклопуваат за повеќе простор. Вреди да се спомне и дека додавање на туле, односно кровен куфер, или влечење приколка со Camry не е возможно. Сепак, багажникот е сосем доволно голем и простран како за седан модел, и ќе собере сѐ што ви треба. Потврдено и проверено собира кутија од компјутерско куќиште, на пример.
Camry докажува дека седанот e жив

Korrmotive
Да бидам искрен, многу сум фан на големи седани. Сѐуште имам Citroen C6, и сѐуште сметам дека голем седан е една од најфините категории во автомобилскиот свет. За жал, тие ги гледаме сѐ помалку и помалку, но Toyota Camry ми докажа дека овој сегмент не треба никако да згасне.
Искрено, од срце, ова е една фантастична кола.
ОЦЕНА: 9.5/10
Цената на тестираниот модел изнесува 53.790 евра (Luxury опрема + 800 евра за бојата). За повеќе информации посетете ја официјалната веб страна на Toyota Македонија, или пак Toyota Авто Центар во Скопје. Цените се точни од времето на објавување.