KORRMOTIVE ТЕСТ: Citroën C4
- Марко Соколовски

- Nov 7
- 6 min read
Да ве прашам, со што го асоцирате Citroën вообичаено? Претпоставувам многу од вас со комфор и одлична амортизација. За жал, хидропневматската суспензија веќе не е достапна, но сепак, Citroën се залага и понатаму да се фокусира на комфор и удобност во своите возила, без разлика во кој сегмент припаѓаат. Да ви кажам искрено, додека сите други бркаат спортски и динамички способности, тоа е доста освежително.
Како се преведува оваа филозофија во еден од најуспешните модели на брендот? Што ни донесе фејслифтот? Ајде да видиме.
Korrmotive го тестира освежениот Citroën C4

Korrmotive
На тест кај Korrmotive неоддамна пристигна освежениот Citroen C4, со PLUS (да, со големи букви) пакетот на опрема и 1.2 турбо бензинец, како и оваа многу симпатична Manhattan Gray сива боја на каросерија, која е и нова за фејслифтот.
C4 е со нас веќе од 2020 година, и кога се појави беше доста контроверзен, бидејќи дотогашните две генерации на C4 беа конвенционални хечбек модели. Citroën се префрли на компактен кросовер за оваа генерација, бидејќи, како што верувам знаете сите, пазарот тоа си бараше. Иако дизајнот не ми легна одма кога ја видов оригиналната верзија пред неколку години, со тек на време ептен го засакав дизајнов.

Korrmotive
Промените кај фејслифтот се забележуваат уште одма напред. Светлосниот потпис, новото лого на Citroen, како и генерално освежената предна маска влечат многу инспирација од Oli концептот, како и C5 Aircross прототипот што го видовме минатата година.
Многу интересен момент е што светлосниот потпис повеќе не вклучува наопачки светла, иако Citroen беше еден од пионерите на тој тип на дизајн уште од C4 Cactus пред десетина години.
Особено ми се допадна светлосниот потпис напред, неколку тенки линии кои формираат една невообичаена, впечатлива форма, а тоа се дефинитивно зборови со кои го асоцираме Citroen.
Од страните нема ништо особено ново, малку ми е криво што не доаѓа овој пакет на опрема со алу фелни, но тие се достапни на MAX пакетот.

Korrmotive
Позади исто имаме неколку значајни промени; и тука има нов светлосен потпис, исто инспририан од Oli и C5 Aircross, и бидејќи сега е модерно, името на брендот е испишано на петтата врата наместо да има лого. Тука е добро да се спомне и дека двата издуви позади се вистински.
Сѐ на се, ептен ми се допаѓа дизајнот на C4. Со фејслифтов е доста освежен и во линија со остатокот на гамата на Citroen, а и општо дизајнот е многу харизматичен, и иако е невообичаен малку, тоа го прави и доста уникатен.
A што го движи C4?
Добропознат бензинец со три цилиндри

Korrmotive
Под хаубата на тестеров имаше 1.2 PureTech турбо бензинец со три цилиндри и 130 коњи, кои одат до предните тркала преку 8-степен автоматик. Освен освежениот дизајн, фејслифтот носи и едно, да кажам, упростување на понудата на погонски системи.
Лајт хибридот на Stellantis се придружи во понудата, а дизел моторот замина во историјата. Со него исто замина и мануелниот менувач; C4 е сега исклучиво автоматик, без разлика кој мотор ќе го одберете.

Korrmotive
Интересен момент е што основниот пакет на опрема е достапен исклучиво како хибрид; чистиов бензинец е достапен само во PLUS и MAX пакетите.
Основниот хибрид има 110 коњи, додека појакиот (исто достапен само кај двата повисоки пакети) има 145 коњи, и двете изведби ја пуштаат силата до тркалата преку 6-степен автоматик со двојна спојка. Да се заддржиме ние на тестеров и неговиот чист бензинец, почнувајќи со градско возење.

Korrmotive
Овој мотор го имам испробано во градски услови десетици пати, и немам лош збор. Тивок, смирен, добро забрзува доколку треба, има интересно звукче, и генерално многу лесно се познава дека градот му е силна страна. Автоматикот дефинитивно го прави градското искуство помалку стресно, само забележав понекогаш знаеше да се збуни малку при тргнување, ама тоа лесно се решава, само треба малку да го адаптирате стилот на додавање гас.
Знам дека ве интересира потрошувачка. Доколку си пазите со гаста, можете да очекувате околу 7-8 литри бензин во град, што е сосема океј, со оглед на тоа дека ова не е хибридната изведба. На отворено таа бројка станува 5 или 5.5 литри, зависи колку нагорнини и претекнувања ќе сретнете, што е фантастично. За да ги извадите најдобрите бројки, особено во град, би ви препорачал да го ставите во Eco режимот за возење, но изводливи се овие бројки и во Normal режимот.

Korrmotive
Во Sport режимот, сѐ е по респонзивно, сервото малку отежнува, и е идеален режим за малку подинамично возење, па дури и за претекнување на автопат,
Сега доаѓаме на она што го издвојува Citroën C4, а тоа е Advanced Comfort суспензијата. Ова е ексклузивна карактеристика резервирана само за моделите нa Citroën. Просто кажано, амортизерите имаат еден вид перничиња на долниот и горниот дел, со цел да биде возењето уште помеко и поудобно.
Дали е успешно? Апсолутно. Позитивно бев изненаден од способноста на C4 да ги апсорбира познативе скопски дупки, а до комфорот придонесува и нешто друго, ама за тоа малку подоцна.

Korrmotive
Искрено, ова беше моето прво подолго искуство со овој мотор на отворен пат, и многу многу пријатно ме изненади. Обично не сакам да се изразувам со некои од народските термини кои ги користиме за коли, ама нема како инаку да се опише освен: спие.
Многу од скептиците сигурно ќе кажат „Абе 1.2 мотор слабо да не е?“ Апсолутно не. Забрзувањето не беше никаков проблем, и оддржувањето автопатски брзини не беше проблем, ни претекнување не беше проблем.

Korrmotive
Сѐ на сѐ, многу импресивно искуство на отворен пат со речиси никакви звуци и интрузии, C4 навистина се покажа одлично, и сѐ беше тотално без стрес, што мислам дека им било една од главните цели на Citroën. Успешно завршено.
Прегледноста и генералното маневрирање беше солидно, дури и позади е океј, со оглед на тоа дека задното стакло е поделено на два дела. Овој пакет дојде стандардно со задни паркинг сензори и камера за рикверц, која што би сакал да беше малку повисока резолуција, но за паркирање и маневрирање нема да имате никаков проблем. Сепак, да не заборавиме, ова е компактен автомобил.

Korrmotive
Што можеме да заклучиме? Искуството зад воланот на Citroën C4 е многу смирено и релаксирано, удобно секако, и многу пријатно изненади со неговите способности.
Малку освежен ентериер

Korrmotive
Влегуваме во C4, каде што промените од фејслифтот генерално се сведуваат на новото лого на воланот, како и редизајнираниот тапацир на седиштата, а и малку понова графика на малиот дисплеј зад воланот. Другото е генерално исто.
Тоа воопшто не е лоша работа. Прво нешто што морам да го издвојам е возачката позиција. Барем од мое искуство, возачката позиција во C4 е совршена. Не се седи премногу високо, воланот е идеална димензија, и прегледноста од сите страни е одлична. Секако, има и многу подесување во возачката позиција доколку треба, но како baseline е многу добро смислено.

Korrmotive
Се сеќавате што пишав погоре дека има друг дел кој придонесува до комфорот? Тоа би било возачкото седиште. Седиштата во C4 исто го носат името Advanced Comfort, и во тандем со суспензијата имаат огромен придонес до општата удобност. Ова се меѓу најудобните седишта кои ги испробав годинава, а имаат и сосем доволно латерална поддршка.
Инфозабавниот систем е типичен Stellantis, повеќе е како мултимедија центар, и има безжично поврзување со смартфон кое што работеше изненадувачки добро. И покрај моето инсистирање да користам кабел, се случи да заборавам да го поврзам телефонот со кабел, но пак немаше гајле. Исто имам пофалби и за системот за озвучување, и за тоа дека Citroën и понатаму инсистираат да има физички контроли за климата. Би сакал само да имаше за нијанса помалку пијано пластика.

Korrmotive
Екранот зад воланот е многу мал, но пак ви прикажува сѐ што треба. Тоа е една работа што морам да ја издвојам кај C4; бидејќи екраните не се огромни, и не се чувствувате преплавени со екрани, и тоа понатаму придонесува целокупното исксутво да биде опуштено. Квалитетот на изработка е солиден, а има и сосем доволно места за одлагање на предмети.
Просторот на задната клупа е солиден, и ме изненади и просторот за главата со оглед на тоа дека кровот на C4 е наклонет надолу. Багажникот нуди 380 литри капацитет, што е сосем солидно за класата. Целосно ја собра најголемата кеса од познатата продавница за сѐ и сешто (во главно играчки) која почнува на Џ. :)
Citroen и понатаму со истите приоритети

Korrmotive
Искрено, ова беше моето прво продолжено искуство со еден од тековните продукти на Citroën. Јасно е дека францускиот бренд, и покрај тоа што многу работи се сменија, сепак јасно ги знае своите цели: удобност, дизајн кој се истакнува и едно целосно stress-free искуство. Дали успеаа да го остварат сето тоа со освежениот C4? Апсолутно да.
Браво!
ОЦЕНА: 9 / 10
Цената на тестираниот модел (PLUS PureTech 130) е 24.990 евра.
Цените се точни од времето на објавување. За повеќе инфо, посетете ја официјалната веб страна на Citroën Македонија, или пак продажниот салон.




