top of page

Nissan Micra е сега електрична близначка на Renault 5

  • Writer: Марко Соколовски
    Марко Соколовски
  • 6 hours ago
  • 2 min read

Се сеќавате на Nissan Micra? Претпоставувам да, ама немаше да ме чуди ако рековте „не,“ пошто се чинеше како Nissan да го запостави овој модел изминативе неколку години. 


Имам добри вести за таа работа. Некој од Nissan изгледа лупна со рака на маса и кажа „Доста е, време за нова Micra… а да, и нека биде електрична.“ Ајде да видиме до што доведе оваа наредба.



Ова е новата Nissan Micra


Nissan Micra 1

Nissan


Можеби одма ќе си кажете „Чекај малце, познато ми изгледа.“ Би требало, бидејќи Nissan Micra, освен што е сега целосно електрична, е близнак на фантастичниот ретро Renault 5. Иако има сосем доволно уникатни стилистички елементи за да се издвои од малиот француз, сепак се гледа дека се работи тука за ситуација два брата.


Nissan Micra 2

Nissan


Од напред, дефинитивно првиот детаљ кој паѓа во очи се дневните светла, кои ги заокружуваат фаровите. Од Nissan оваа линија ја нарекуваат црпалка за сладолед, бидејќи, цитирам, „начинот на кој дневните светла ја следат линијата личи на формата што би ја направила црпалката на недопрен сладолед.“

Nissan Micra 3

Nissan


Добро… Понатаму, задниот дел исто има кружни штопови, значително поразлични од Renault 5. Сѐ на сѐ, и покрај сличностите со близнакот, ми се допаѓа дизајнот на Micra. Малите димензии и кружните светла ме потсеќаат на Pike моделите на Nissan кои се нудеа само во Јапонија, конкретно Pao (на сликата подолу) и Be-1. Кој играл Gran Turismo, ќе се сети.


Nissan Pao 1

Nissan


Нешто околу погонскиот систем. Micra ќе се нуди исклучиво со еден мотор на предната оска, како и две батерии, од 40 kWh или 52 kWh. Според WLTP, помалата батерија овозможува опсег од 310 километри, додека поголемата ќе овозможи 408 километри. Со DC полнење од максимални 100 kW, батеријата се полни од 15% до 80% за, погодивте, околу половина час.


Nissan Micra 4

Nissan


Renault 4 Savane концептот ни докажа дека AmpR Small платформата може да поддржи погон на сите четири тркала, така да има дел од мене кој се надева на таква верзија и од Micra. Или пак Micra Nismo базирана на Alpine A290, можеби?


Nissan Micra 5

Nissan


Ентериерот… па нема како инаку да се каже, речиси ист како тој во Renault 5, со исклучок на Nissan значката на воланот. Да се разбереме, ова не е лоша работа, бидејќи ергономијата исто се чини одлична, и има и физички копчиња за многу контроли за да не треба да ги ловите низ инфозабавниот систем.


Иако Micra нема ни 4 метри должина, сепак од Nissan нѐ уверуваат дека ќе има простор како многу поголем автомобил, со вкупен волумен на ентериер од дури 1.106 литри.


Nissan Micra 6

Nissan


Новата Nissan Micra ќе пристигне во Европа кон крајот на 2025 година. Засега не е познато кога ќе стигне кај нас или пак како ќе се движат цените, но ако мене ме прашувате, ова се чини многу интересно. На Nissan очајно му е потребно да оствари бројки во скоро сите светски пазари, и мислам дека ова ќе биде добар начин тоа да го направи тука во Европа. Да видиме…




© 2025 Korrmotive. Сите права се заддржани.

  • White Facebook Icon
  • Instagram
bottom of page