Renault 4 Savane е спремен за терени и сериско производство
- Марко Соколовски
- May 16
- 2 min read
Минатата година беше претставен третиот член од семејството на ретро ЕВ на Renault, Renault 4 E-Tech. Освен фантастичниот ретро дизајн, интересен момент кај Renault 4 E-Tech е тоа што е кросовер, наместо класичен хечбек. Renault сега реши да го искористи тоа максимално, и искрено да ви кажам, на најдобар можен начин.
Ова е Renault 4 Savane

Renault
Како што гледате, Renault 4 E-Tech е почетна точка за Savane концептот, но на тоа се додава оваа интересна зелена боја и овие фелни кои личат на нешто што би виделе на озбилен офроудер. На тоа додава зголемениот клиренс, 15мм во однос на обичниот Renault 4, како и Goodyear теренските гуми.
Кога сме кај озбилен офроудер, има едно знакче позади што дава сигнал што е најважната работа кај Savane: 4x4. Savane има уште еден електромотор на задната оска, што значи траен погон на сите четири тркала.

Renault
Обичниот 4 E-Tech е достапен само со еден електромотор на предната оска, во две изведби. Максималниот износ на регуларниот модел е 150 коњи, што значи дека постојат големи можности дека Savane има преку 300 коњи.

Renault
Освен овие детали, другото е сѐ во глобала исто како серискиот Renault 4 E-Tech, што во превод значи дека изгледа како да е спремен за сериско производство. Иако од Renault не потврдиле ништо конкретно, во секој случај, со тек на време брендот планира да извади модел на AmpR Small платформата (5 E-Tech, 4 E-Tech, Alpine A290, Twingo E-Tech) со два електромотори и погон на сите четири тркала.

Renault
Кога ќе размислиме, најмногу има смисла тој модел да биде 4 E-Tech. Освен тоа што тој е кросовер во секој случај, концепт моделот кој го најави серискиот 4 беше баш спремен за офроудање.

Renault
Savane најмногу служи да ни покаже дека два електромотори и 4х4 е возможно со оваа платформа, но останува да се види кога и дали ќе се произведува сериски. Мене ако ме прашувате, ако овој модел не стигне до сериско производство, навистина би било грев. Ајде Renault, не се мислете многу.