Renault 4 официјално оживеан како електричен B-SUV
- Марко Соколовски
- Oct 14, 2024
- 3 min read
Renault 4 е еден легендарен мал автомобил кој на сите нас на Балканот и во Европа ни е познат. Веќе подолго време знаеме дека Renault 4 ќе се врати како дел од офанзивата на електромобили на Renault, и сега конечно можеме да ја видиме верзијата која ќе се појави во дилери ширум Европа.
Ова е Renault 4 E-Tech Electric

Renault
Уште одма морам да кажам, дизајнов растура! Renault 4 E-Tech Electric, со име и презиме, е вториот дел од триото на електрични Renault возила кои се воедно оживување на легендарни модели на брендот. Renault 5 E-Tech веќе го имаме видено, а идната 2025 година ќе пристигне и нова генерација на Twingo инспирирана од оригиналот од 90тите.
Како што се гледа со необоените пластики и повисоката суспензија, Renault 4 во својот outfit за оваа деценија стана В-SUV.

Renault
Исто како оригиналот, еден од главните фокуси на новиот Renault 4 е практичноста. Renault тврди дека ова е најпрактичниот автомобил во сегментот, а тоа јасно се гледа во багажниот простор кој изнесува 420 литри со задните седишта горе. Импресивно!

Renault
Да се навратиме на дизајнот за момент. Иако е темелно модернизиран, новиот Renault 4 многу очигледно црпи инспирација од оригиналот. Целокупната каросериска форма, предната маска и предните светла, како и задните светла и страничните детали се едно љубовно писмо до R4, еден од најпопуларните автомобили на Балканот од времето кога јас уште не постоев.
Воедно морам да ги пофалам Renault за дизајнерскиот пристап за ретро моделите: ниеден од нив не следи некаков прецизен идентитет или дизајнерски јазик, и тоа е добра работа. Не мора ништо да биде точно одредено да изгледа вака и вака, секој од моделите, вклучувајќи го и 4, си има свој идентитет.

Renault
Како што гледате, достапен е и текстилен покрив кој се отвара, исто како оригиналот. Многу ми се допаѓа дизајнот сѐ на сѐ. Можеби ќе се сетите на еден домашно изработен Renault 4 buggy без покрив и задни врати кој врвеше по скопските улици едно време (се појави и во спотот за Биди зелен од Тони Зен и Слаткаристика). Токму на тоа ме потсеќа новиот Renault 4. Единствено нешто за кое ми е криво е што и покрај SUV дизајнерските елементи, погон на сите четири тркала првично нема да биде достапен.

Renault
Новиот Renault 4 ќе биде достапен со две батерии и два вкусови на електромотор: 122 коњи и 40 kWh батерија, и 150 коњи со 52 kWh батерија. На DC полнач, славните 15% до 80% полнење се случуваат за сосем солидни 30 минути, додека со вклучениот AC полнач од 11 kW се потребни четири и пол часа за поголемата батерија, односно три и пол со помалата.
Вклучениот AC полнач исто така ќе нуди V2L и V2G способности, што во превод значи дека ќе можете да го користите Renault 4 E-Tech како извор на струја за мали електрични апарати. Максималниот опсег на струја според WLTP циклусот е 400 километри, а поради едноставниот дизајн на батериската кутија и употребата на никел-манган-кобалт ќелии (кои имаат најдобра ефикасност), таа тежи само 300 килограми.

Renault
Ентериерот е превземен топтан од Renault 5, што значи хоризонтален екран за инфозабавниот систем и некои ситни ретро детали како шевовите на совозачката страна. Штета што го нема шипка менувачот како на старите Renault 4.
За ентериерот ќе бидат достапни и многу комбинации за тапацир, а поради големото меѓуоскино растојание, просторот би требало да одличен.

Renault
Renault има направено мајсторска работа со дизајнов, и сериозно ја имаат сфатено работата со ретро моделите. Ова изгледа како еден многу забавен автомобил кој ќе врти глави без разлика каде сте. Ако се раководиме според Megane E-Tech кој го возев годинава, ова ќе биде фантастичен електричен автомобил.
Извор: Renault Media