top of page

Opel Grandland Electric сега достапен со AWD

  • Writer: Марко Соколовски
    Марко Соколовски
  • Jun 13
  • 2 min read

Каква случајност. Неоддамна го тестирав новиот Opel Grandland, и во тестот наведов дека ми е малку криво дека нема повеќе да се нуди со погон на сите четири тркала. Очигледно е дека некој од Opel ме наслушна, бидејќи сега има решение и за тоа.


Електричниот Opel Grandland отсега и со AWD


Opel Grandland Electric AWD 1

Opel


Едноставно наречен Opel Grandland Electric AWD, целосно електричната изведба на Opel Grandland подоцна во 2025 година добива верзија со два електромотори. На предната оска останува истиот мотор со 213 коњи како и кај досегашниот Grandland Electric, но се додава уште еден електромотор на задната оска со 112 коњски сили.


Учевте математика во школо? Тогаш ќе забележите дека вкупниот системски износ е 325 коњи, 25 повеќе отколку претходниот Grandland PHEV со погон на сите четири. Од Opel ветуваат стотка за 6.1 секунда, како и максимален опсег од 501 километар.


Opel Grandland Electric AWD 2

Opel


Освен тоа, Grandland Electric AWD може да се пофали и со четири режими за возење. На познатите Normal, Eco и Sport им се придружува и 4WD режим. Сите режими носат различни конфигурации за погонскиот систем, некои од нив ја ограничуваат системската сила. 


Пример, Eco режимот става приоритет на предниот мотор и ограничува на претходно наведените 213 коњи, додека Sport режимот го дава максималниот износ и ја дели моќта 60:40 на предната и задната оска соодветно. Во 4WD режимот, силата е подеднакво дистрибуирана меѓу двата мотори за најдобрата можна тракција. А да, максималниот вртежен момент е 509 Nm, што е прилично многу.


Opel Grandland Electric AWD 3

Opel


Можеби приметивте на фотографиите, но Grandland Electric AWD добива и уникатна предна маска, за да се разликува од другите модели во понудата. Како што можам да видам, овој дизајн на фелни е исто така нов, а и ентериерот добива интересен тапацир на седиштата.


Од Opel ветуваат и посебно штелување за амортизацијата, контролата за стабилизација, и баланс-лентите. Кога сме кај тоа, Grandland Electric AWD доаѓа стандардно со нова технологија на суспензија за максимален комфор и стабилност.


Opel Grandland Electric AWD 4

Opel


Ова мене ми се чини многу интересно, но истовремено ме става во мисла. Како што сме виделе многу пати, mild хибридот на Stellantis кој оди во Grandland, и кој беше во моделот кој го тестирав, може да се спари со погон на сите четири тркала.


Opel Grandland Electric AWD 5

Opel


Според мене, и тоа би било одлична одлука, но не сум баш сигурен дали тоа ќе го видиме. Исто мислам дека со Grandland Electric AWD го гледаме темелот за Grandland GSE кој допрва треба да се појави, само ништо чудно тој модел да има уште повеќе коњи.


Новиот Opel Grandland Electric AWD ќе пристига во Европа подоцна во 2025 година.



© 2025 Korrmotive. Сите права се заддржани.

  • White Facebook Icon
  • Instagram
bottom of page