top of page

Peugeot претстави нов бензинец наречен Turbo 100

  • Writer: Марко Соколовски
    Марко Соколовски
  • Mar 18
  • 2 min read

Peugeot, а со тоа и повеќето други брендови на Stellantis со години го нудат PureTech бензинецот, а некои од нив го нудат во буквално сите модели кои ги имаат во понудата. Иако самиот мотор е добар на перформанси, има предизвикано многу скептицизам кај луѓето од еден куп причини, како што е користењето на подмачкан ремен, или народски познато како науљен кајш, или wet belt.


Peugeot ги слушна поплаките, и во подготовка за новите Euro 7 регулативи, подготвува нов бензинец со три цилиндри, и на прв поглед се чини многу интересно.


Ова е новиот Turbo 100 мотор


Peugeot

Прво, морам да го издвојам името Turbo 100. Kратко, јасно, и дефинитивно звучи поинтересно од PureTech. Првава верзија е 1.2 со 100 коњи, исто како некои изведби на PureTech, но речиси се друго е сменето од корен. Конкретно 70% од компонентите се или сменети целосно или освежени.


Исфрлен е wet belt системот, а на негово место доаѓа класичен и далеку поиздржлив ланец. Не за џабе огласите по интернет издвојуваат „MOTOR NA LANCHE!!“. Освен што ланците се далеку поиздржливи, се менува и интервалот за сервиси. Сега ќе биде на две години или 25.000 километри, наместо на една година или 20.000 километри. 


Korrmotive

Освен тоа, има нов систем за вбризгување на горивото кој работи со притисок од 350 бари, а самиот мотор работи на Милер циклусот за поголема термална ефикасност. Турбото е сега со варијабилна геометрија, што значи дека ќе има повеќе достапна моќ во поголем распон на вртежи. 


Новиот Turbo 100 мотор прво ќе го видиме во Peugeot 208 и 2008, и тоа кај 208 веќе од мај годинава, а кај 2008 ќе почне малку подоцна. Со тек на време ќе го видиме Turbo 100 моторот и во други модели на брендот со различни аутпути, а сигурно и ќе ја формира основата за идните хибридни модели. Додајте уште некоја година и мислам дека ќе почнеме да го гледаме и во други модели на Stellantis.


Korrmotive

Ова искрено не го очекував, но навистина сум пријатно изненаден. Ми се допаѓа и самодовербата на Peugeot; освен што тврдат дека Turbo 100 ќе биде далеку поиздржлив, нудат и продолжена Peugeot Care гаранција од 8 години или 160.000 км. Многу самоуверен пристап, и мислам дека овој мотор ќе ги сруши сите предрасуди и секирации поврзани со досегашните PureTech мотори. Којзнае, можеби и ќе формира основа за мотори со поголеми капацитети и уште поголема моќност…


Секако, кога ќе се појави шансата, Korrmotive ќе тестира Peugeot модел опремен со овој мотор.

© 2026 Korrmotive. Сите права се заддржани.

  • White Facebook Icon
  • Instagram
bottom of page