Volkswagen Touareg оди во пензија
- Марко Соколовски
- Aug 9
- 2 min read
Volkswagen Touareg е на врвот на SUV понудата на VW повеќе од 20 години, познат по тоа што е значително поразличен и попремиум од другите SUV модели во понудата. Токму тие други модели сега стануваат приоритет за Волфсбург, а со тоа имаме тажна вест.
Volkswagen Touareg ќе се пензионира после 2026 година

Volkswagen
Според некои неофицијални информации од блиски извори, Volkswagen ќе го пензионира Touareg во 2026 година, и не планираат никаква директна замена. Фокусот ќе се стави на двата модели кои се под Touareg во понудата, Tiguan и големиот Tayron, како и помалите T-Roc, T-Cross и Taigo.
Ова има многу смисла, бидејќи веќе долго време, клиенти кои бараат луксузен SUV од типот на Touareg гравитираат околу други опции од етаблирани луксузни брендови, а многу од тие се механички братучеди на Touareg.

Volkswagen
Токму на тоа се вади и Volkswagen групацијата, досегашните клиенти на Touareg ќе ги праќа кај сестринските брендови. Со други зборови, Porsche Cayenne, Audi Q8 и Q7, Bentley Bentayga и Lamborghini Urus, кои се поставени на истата MLB платформа, ќе ја пополнат дупката оставена од Touareg со тек на време.

Volkswagen
Иако ја разбирам одлукава, и разбирам дека таргет публиката не е доволно голема за да се инвестира во нова генерација, целата идеја на Touareg отсекогаш ми беше интересна. Луксузен SUV кој нема ниту фалбаџиски дизајн, ниту фалбаџиски знак напред. За оние кои сакаат да останат посуптилни, но сепак да се знае дека добро им оди.

Volkswagen. На оваа фотографија е америчкиот Atlas
Но, како што кажав, таа идеја има ограничен appeal, и Volkswagen реши да се фокусира на другите и, во поглед на продажба, далеку поважните модели. Ова прво се случи во Северна Америка, каде што Atlas беше де факто замена за Touareg после втората генерација. Atlas е фокусиран на генералната публика наместо на премиум купувач, нешто слично како Tayron сега во Европа.
Мене искрено ќе ми недостига Touareg. Многу интересен модел, особено првата генерација и неговата потполно луда технологија и понуда на мотори. V10 TDI, на пример. Во 2026, тековната генерација ќе биде на пазарот цели осум години, исто како и другите две генерации.
Не останува ништо друго освен да посакаме збогум на Touareg, и да се надеваме дека другите SUV модели на VW ќе го постигнат успехот што се очекува од нив. Во меѓувреме, што викате еден Во Фокус за Volkswagen Touareg? :)