Kia EV2
Кога започна трката за електрификација ширум целата авто индустрија, повеќето брендови прво почнаа со големи електрични возила, најчесто некаков вид на SUV. Во едно неизвесно време за авто индустријата, многумина почнаа да ги согледуваат предностите на мали електрични возила. Може да биде многу мало и многу ефикасно, релативно лесно, и да биде многу погодно за градска употреба, нешто што на многу луѓе реално и најмногу им треба, по готово во Европа.
Токму таков електричен автомобил е субјект на денешниов тест. Ајде да видиме.
Korrmotive ја тестира Kia EV2
На тест кај Korrmotive пристигна Kia EV2, со Earth ниво на опрема, Standard Range батерија, како и оваа впечатлива Frost Blue сина боја на каросерија. EV2 е воведниот модел во понудата на електрични возила на Kia, и е еден вид замена за e-Soul. За разлика од некои од другите модели, EV2 е наменета исклучиво за европскиот пазар, и се склопува во фабриката во Жилина, Словачка, која е исто задолжена и за македонскиот фаворит Sportage.
Како и останатите ЕВ на Kia, EV2 е базирана на E-GMP глобалната архитектура за електрични возила, единствената разлика е што електромоторот ги движи предните тркала, а влечната батерија (таа што го снабдува моторот со струја) работи со напон од 400V, наместо 800V како поголемите модели во понудата.
Ќе дојдеме и до тоа, да видиме прво што се случува со дизајнот. EV2 ги има сите препознатливи дизајнерски елементи на електричните модели на Kia, но сето тоа го пакува во многу помал, компактен формат. Пропорциите ми се навистина многу интересни, навистина е доста високо и квадратесто. Единствениот чуден детаљ ми се задните светла, кои се најдолу на аглите од петтата врата.
Димензии
- Должина
- 4.06 м
- Ширина
- 1.80 м
- Висина
- 1.57 м
- Маса на празно возило
- 1475 кг
Чудно ми беше да гледам петта врата без никакви светлосни елементи, но не е лошо. Во секој случај, многу впечатлив дизајн, и максимално ги искористува бенефитите кои ги нуди електрична платформа за простор; исклучително долго меѓуоскино растојание, со тркало на секој агол. Кога сме кај тркала, овој модел дојде со помалите 16-инчни фелни во црна боја, и мислам дека многу повеќе го личат отколку поголемите достапни дизајни, кои се исто и двобојни. А како што верувам дека знаете, за максимален досег, помали фелни се права работа.
А кога сме кај досег…
Технички податоци
- Мотор
- Синхрон електромотор со траен магнет
- Потрошувачкаизмерена на тестотГрад
- 11 kWh/100 км
Според производителот
- Моќност
- 147 КС
- Вртежен момент
- 250 Nm
- Менувач
- Едностепен редуктор
- Погон
- Преден
- 0–100 км/ч
- 8.7 с
- Максимална брзина
- 161 км/ч
- Батерија
- 42.2 kWh
- Досег
- 317 км
- Багажник
- 362 л
Две достапни електрични конфигурации
Како што спомнав погоре, тестеров дојде со Standard Range батеријата со 42.2 kWh нето капацитет, LFP (литиум-железо-фосфат) хемија, и еден електромотор на предната оска со 147 коњи. Според WLTP циклусот, максималниот досег е 317 километри. Достапна е и Long Range батерија со 61 kWh капацитет, и таа користи NMC (никел-манган-кобалт) хемија, но електромоторот се симнува на 135 коњи. Според WLTP досегот на Long Range е 453 км, и кај таа варијанта електромоторот е исто напред. Засега нема верзија со два мотори и погон на сите тркала.
Иако кај EV2 платформата работи на 400V напон, пак поддржува DC полнење до 350 kW, и на таков полнач се потребни околу 30 минути за да се наполни батеријата од 10% до 80%. На типичен полнач од 11 kW, како овие на ЕВН или разноразните опции кои се инсталираат дома (доколку имате услови), полнењето трае 4 часа и 5 минути кај Standard Range за 10% до 100%, а кај Long Range истото трае 5 часа и 35 минути. Може и полнење на DC полнач од 50 kW, и секако, може полнење на класична домашна струја, но не би го препорачал тоа. Ајде сега на возење!
Градот е домашен терен за EV2, и за тука немам лош збор да кажам. Сите бенефити на електрични автомобили ги имаме и тука, вклучувајќи тргнување прв на семафори и речиси апсолутна тишина, но EV2 додава уште нешто што досега многу ретко сме го гледале на електрични автомобили кои поминале кај Korrmotive – димензиите. Повеќето електрични возила кои сме ги тестирале досега биле многу поголеми, но EV2 е т.н мало градско во права смисла на зборот. Типично за електричен автомобил, сепак е малку погломазен и повисок, но димензиите се навистина погодени за градските гужви и тесни паркинг места.
Лично мојот омилен дел за возењето во град беше новиот систем за регенеративно кочење. Претходно беше три нивоа на регенеративно кочење, и потоа четвртото наречено i-Pedal беше максималното, т.е возење со една педала. Сега системот е сменет, имаме едноставно три различни јачини на i-Pedal – секоја јачина на регенеративно кочење може целосно да го запре возилото и да ја држи кочницата за да не ви оди напред-назад на семафор.
Исто во претходни наврати имав забележано дека Eco режим спарен со максималното ниво на регенеративно кочење имаше малку чудни карактеристики, со многу одложен одговор од гаста, но тоа веќе не е случајот – калибрацијата е доведена во ред, и сега можете и во Eco режим со максимално регенеративно истовремено, и не се чувствува неприродно. Ако мене ме прашувате, по готово за градски услови, секој електричен автомобил треба да биде подесен вака!
Како што видовте погоре од статистиката, најниската потрошувачка што ја видов во град беше 11 kWh на 100 км. Со 42.2 kWh батерија, тоа ни дава досег од 383 километри во град. На отворено потрошувачката се качи на околу 17 kWh, што ни дава досег од 248 километри. После малку математика, комбинираниот досег на струја на EV2 со Standard Range батеријата излегува 315 километри, само два километри помалку од официјалната бројка според WLTP мерењата.
Сепак, на EV2 домашна територија му е градот, и за време на моето тестирање не започнав со 100% батерија, но мислам дека ако сте многу претпазливи можете многу лесно да извадите и 400+ км досег во град. И повторно ги гледаме бенефитите на мали, полесни електрични возила – не треба многу голема батерија за да може да покрие повеќе од доволно километри. Браво!
Safe City
За да го вклучите ограничувачот на брзина на EV2, како и кај другите модели на Kia, заддржете го заокруженото копче, и потоа со прекинувачот под него можете да ја подесите брзината.
Korrmotive им порачува на читателите да ги почитуваат правилата на Safe City, ограничувањата на брзина и законските прописи без разлика каде возат.
Автопат и динамички способности
EV2 навистина многу пријатно изненади на автопат, по готово во поглед на звуци и вибрации. Секако, немаме вибрации од мотор, но најпријатно ме изненадија гумите; Hankook iON GT EV доаѓаат стандардно на овој модел, и покрај тоа што голем дел од скопската обиколница има стар, дотрајан асфалт што директно придонесува на звуци од патот во повеќето случаеви, во EV2 едвај се слуша. Доколку немате пуштено музика, единствено нешто што ќе слушнете се минимални звуци од ветерот, делумно поради пропорциите на EV2.
За динамичките способности, иако EV2 е повеќе подесен за комфор, не можам да кажам дека воопшто нема забава во кривините, особено на излегување од кривините кога се исправа патот, поради брзиот одговор од гаста. Единствено нешто што посакав е малку повеќе фидбек од воланот, се чувствуваше како да е некаков steer-by-wire електронски систем. Освен тоа, комфорот има приоритет, но во кривините EV2 може да ве насмее.
Многу паметни решенија во внатрешноста
Генерално, ентериерот на EV2 е многу сличен со останатите модели на Kia. Истата дигитална табла, истиот инфозабавен систем, физичките контроли кои прв пат ги видовме кај Seltos (се отвора во нов таб), но има и некои уникатни елементи за EV2. Прво морам да ги избројам малите пораки; низ двата предни прозори, на горниот дел од вратата пишува HELLO :-), и осветлено е со амбиенталното осветлување. Потоа, кога излегувате, на внатрешниот дел од кваките пишува HAVE A NICE DAY! Извинете што ги пишувам со големи букви, изгледа повеќе како закана отколку пријателски поздрави, сакав само директно да ги цитирам.
Исто така, централната конзола има многу простор, со подесиви прегради и добри места за безжично полнење на телефон и посебен држач за чаши. Секако, како што личи за ваков мал електричен автомобил, има доста светли материјали, како и на таванот, така и во централната конзола и на седиштата. Не знам дали зеленава ми оди со сината каросерија, но самото тоа што е посветла боја уште повеќе го отвара ентериерот.
Седиштата се удобни, со добра латерална поддршка, и двата екрани се супер. Сум ги спомнал многу пати во другите тестови на Kia, и сите пофалби важат и тука; јасна графика, многу функции и добра поддршка за смартфон без кабел, само би сакал да имаше малку повеќе конфигурација во инструментите. Кога сме кај инструментите, уште една многу симпатична работа; кога е вклучен приказот за ADAS (тој со графиката од задниот дел на возилото), доколку надвор врне, ќе врне и на екранот. :)
Со Earth пакетот имаме многу дополнителна опрема, меѓу што и греење на предни седишта и на волан, паркинг сензори и камера, сите безбедносни системи што ви текнуваат и не ви текнуваат, како и одлично Harman/Kardon озвучување. Квалитетот на изработка е одличен, и иако нема којзнае колку меки материјали на контролната табла и низ ентериерот, ги има таму каде што треба. Нормално, има и доста места за одлагање на предмети.
Иако EV2 е доста мал автомобил, поради платформата, меѓуоскиното растојание е огромно, и комотно собира возрасен човек на задната клупа. Освен познатите USB приклучоци, има и класичен приклучок за струја т.е штекер! Пример, може да вклучите правосмукалка за детално чистење. Багажникот нуди 362 литри капацитет, а со спуштена задна клупа тоа се качува на 1.201 литри.
Електричен автомобил во мало пакување не е компромис
Од тоа што можам да видам, Kia EV2 е најмалиот електричен автомобил кој дошол на тест кај Korrmotive, барем на домашна територија. Мислам дека ова треба да се подразбира, но во случајов јасно се гледа; само затоа што EV2 е мал електричен автомобил, не мора да значи дека е компромис, и верувајте ми, навистина не е. Исклучително компетентен со одлична доза на карактер. Браво!
За повеќе информации посетете ја официјалната веб страна на Kia Македонија (се отвора во нов таб).
Слика 1 од 12
Оцена на Korrmotive
Оцена 9 од 10Kia EV2 ни покажува дека малите ЕВ имаат исклучително многу смисла.
- Почетна цена
- € 29.950
- Цена на тестираниот модел
- € 34.950
- Тестиран модел:
- Earth Standard Range



