top of page

KORRMOTIVE ТЕСТ: Ford Focus Active

  • Writer: Марко Соколовски
    Марко Соколовски
  • Jul 6
  • 6 min read

Често се случува колите кои ги тестирам да треба да им се даде еден мал вовед, кој ги прави, какво место зафаќаат во понудата итн. Тоа не е случајот со денешниот субјект. Мислам, океј, ќе има мал вовед секако, ама мислам дека сите од вас ја знаете оваа легенда. Ко да почнувам Во Фокус, а не тест. Морам да го дотерам тоа.


Шала на страна, за што се работи?


Korrmotive го тестира Ford Focus Active


Ford Focus Active 1

Korrmotive


Можеби некои од вас сте малку зачудени. Зошто Active? Дали е ова нов модел? Не е нов модел, туку е пакет опрема за тековниот Ford Focus, кој е со нас веќе подолго време. Всушност, Ford Focus како модел постои во Европа скоро 30 години, т.е од 1998. Во тоа време беше првиот хечбек модел кој покажа дека искуството зад волан може да биде забавно, без да има GTI или RS или некаков знак од тој тип.


Во 2018 година се појави четвртата генерација на Focus, како субјектот на денешниот тест. Можеби погодивте до сега, но тестерот го носи Active пакетот на опременост и оваа многу симпатична црвена боја наречена Fantastic Red. Соодветна придавка, и ова доаѓа од човек што обично не е луд по црвени коли. 


Ford Focus Active 2

Korrmotive


Active пакетот значи украсна пластика по целата каросерија, уникатен дизајн на фелни со малку повисока (или месеста, како сакате) гума, кревање на суспензијата 30мм напред и 34мм позади, двоен издув, и уште некои други ситници. Ова е класичен семеен хечбек, само малку кросоверизиран. Знам дека тоа не е вистински збор, ама во овој случај, нема посоодветен опис.


Ford Focus Active 3

Korrmotive


Искрено, не знам зошто автомобилските брендови се откажаа од оваа работа, особено во денешно време. Можеби некој од вас ќе се сети на Rover Streetwise од пред дваесетина години, токму на тоа ме потсеќа Focus Active. Секако, во позитивна смисла на зборот.


Генерално, многу ми се допаѓа дизајнот. Освежително компактен, без многу драматични детали, чисто, лесно паѓа на очи. Ми се допадна и многу што фејслифтот на Focus го премести Ford знакот внатре во маската (како што треба), и ми се допаѓаат деталиве на Active верзијата. Ефективни, но и со усул.


А што го движи Focus Active?


Под хаубата е славниот 1.0 EcoBoost 


Ford Focus Active 4

Korrmotive


Можеби погодивте, но под хаубата на Focus Active се наоѓа гордоста на Синиот Овал, 1.0 EcoBoost трицилиндрец. Од времето на објавување, ова е единствениот мотор достапен во Focus. Имате опција 125 коњи и мануелен менувач со 6 степени, или пак 155 коњи и 7-степен DCT автоматик.


Двете верзии доаѓаат и со лајт хибрид технологија, што значи дека моторот може да се изгаси на брзини помали од 12 км/ч (кога успорувате за семафор, рецимо) за да ви заштеди гориво. Но, како што ќе прочитате подоле, потрошувачката не е никаков проблем кај Focus.


Ford Focus Active 5

Korrmotive


Тестерот ја носи втората варијанта, 155 коњи и автоматска трансмисија, што исто значи стотка за 8.7 секунди, и максимална брзина од 210 км/ч. Силата стигнува до и исклучиво до предните тркала. За жал, Focus не е достапен со AWD, ама мислам дека тоа не е dealbreaker во овој сегмент, и покрај кросовер деталите на Active пакетот. Дали овој мотор ги заслужува брдото награди што ги има добиено? Па да видиме.


Ford Focus Active 6

Korrmotive


Во град, сѐ си е ко што треба. Ова е најлајт варијанта на лајт хибрид технологија. Како што кажав погоре, моторот може да се изгаси на брзини помали од отприлика 12 км/ч (кога успорувате за семафор итн.) и да заштеди мали количини на гориво, а и малата батерија се полни со силно кочење. Сето тоа ви е јасно прикажано во дисплејот пред возачот во т.н Hybrid gauge.


Ford Focus Active 7

Korrmotive


Моторот е тивок и смирен, автоматскиот менувач го прави целото искуство во град многу полесно и поедноставно, и воопшто не се чувствува слабо и покрај неговата зафатнина. Мислам, океј, силата на моторот исто придонесува за тоа, ама се разбравме. Прегледноста е супер, а и маневрирањето беше многу лесно. Доста е освежително кога ќе седнеш зад волан на класичен, компактен хечбек после толку SUV модели. Само би сакал камерата за рикверц да беше со малку повисока резолуција. 


Сепак, прегледно е и без тоа, ретровизорите се малку помали, но се гледа сѐ што треба, и нормално, тука се и стандардните сензори за паркирање.


Ford Focus Active 8

Korrmotive


Знам дека ве интересира потрошувачка. Од Focus Active со овој мотор можете да очекувате бројки меѓу 6 и 7 литри на 100 километри во град, и околу 5.5 литри на отворен пат. И покрај повисоката сила, 1.0 EcoBoost сѐуште владее кога се работи за потрошувачката.


Кога сме кај отворен пат, и тука немам лош збор да кажам. Повеќе од доволно снага за качување автопатски брзини, изненадувачки немаше скоро никакви звуци од патот. Имаше минимални звуци од ветерот, но ништо напорно, сосема добра звучна изолација. 


Местото каде што Focus навистина се издвојува е во динамично возење. Оваа година е 27та година како Focus важи за еден од најзабавните регуларни хечбек модели на пазарот, и тоа е апсолутно сѐуште така.


Ford Focus Active 9

Korrmotive


Навалување во кривини готово и да немаше, многу фидбек од воланот, одлична тракција, и Sport режимот за возење го буди моторот уште повеќе. Би сакал само да имаше опција за мануелно менување, но освен тоа, Focus ќе ве насмее од 6 до 6 кога патот има многу кривини. Скептиците да не се секираат, тоа што суспензијата е подигната немаше никакво лошо влијание на динамичното возење.


Ford Focus Active 10

Korrmotive


Со тоа да преминеме на една друга интересна работа која дојде во тестеров. И покрај тоа што нема погон на сите четири тркала, сепак има два дополнителни режими за возење: Slippery и Trail. Првиот е за лизгави патишта или, доколку треба, кал, а другиот е за стабилно возење по чакал и слични суви места каде што нема асфалт. Иако заврна додека Focus Active беше кај мене на тест, сепак немаше каде да се проба првиот режим, но вториот го пробав кратко. 


Ford Focus Active 11

Korrmotive


Ги држи вртежите и брзините ниски, за да овозможи максимална тракција таму каде што нема асфалт. А да, и менувачот го заменува потенцијалот спортски или мануелен режим со режим за ниски степени (односно L) за да се подобри возењето по тумби уште повеќе. Овие функции ги ставам во категоријата „ќе се најде некогаш,“ ама не во лоша смисла.


Значи, сѐ на сѐ? Фантастично искуство зад воланот на Focus Active.



Добитна комбинација од модерна технологија и паметна ергономија


Ford Focus Active 12

Korrmotive


Ентериерот на Focus е дефинитивно интересно место. Да, можеби нема не-знам-си-какви технологиски решенија, но има апсолутно сѐ што треба и повеќе. Дигитален дисплеј за возачот, голем екран за инфозабавните соддржини со еден куп функции и одлично поврзување за мобилен, како и добра селекција на ADAS (безбедносни) системи.


Малку повеќе ми се допаѓа распоредот на дисплејот пред возачот во однос на тој на Puma што ја тестирав минатата година, и може да ви покажува разноразни информации, како и други бои и други изгледи за главните мерачи во зависност од режимот на возење. Бонус поени за Trail режимот кој ја прави позадината да изгледа како релјефна мапа.


Ford Focus Active 13

Инфозабавниот екран е движен од SYNC4 системот, кој претходно го испробав во Puma. Тука сѐ си е исто, системот си е респонзивен, ми се свиѓа дизајнот на интерфејсот, и има доста корисни опции, меѓу кои и вградена навигација. Секако, има поврзување со смартфон, и ми се допаѓа многу што имате опција меѓу USB-C и USB-A, така да, и да немате од едниот тип на кабел, можете да го користите другиот тип. Active пакетот доаѓа и со безжичен полнач, ако повеќе ја преферирате таа опција.


Ford Focus Active 14

Korrmotive


Една мала забелешка што ја имав за ентериерот е дека се простивме со физичките контроли за климата. Пред фејслифтот, Focus имаше физички контроли за сите команди за клима, но сега тие се заменети од неколку shortcut копчиња. Контролите за климата се секогаш на дофат на долниот дел од екранот, така да, во ред е.


Исто мислам дека не треба едно од shortcut копчињата да е за макс одмаглување на шофершајбна, бидејќи таа команда ја има на екранот десетина сантиметри погоре. 


Од друга страна, многу ми се допаѓа дека има класичен менувач, наместо тркалцето кое се вградуваше до неоддамна. Има доста простори за одлагање на вашите предмети, и исто ми се допадна тоа што прозорите, ретровизорите, и заклучувањето е на повисок дел на вратата, што значи дека се одма на дофат. Квалитетот на изработка и изборот на материјали е одличен, а истото важи и за седиштата; удобни и со многу поддршка. Морам да издвојам и тоа што нема ама баш никакви сјајни пијано пластики. Правилна одлука.


Ford Focus Active 15

Korrmotive


На задната клупа има дури и повеќе од доволно простор како за еден семеен хечбек, ме изненади просторот за нозете, а тунелот во средина е прилично мал, така да и да ве седнат во средното седиште, не е страшно.


Гепекот нуди 375 литри простор, сосем добра бројка за класата, а и формата е практична и лесно е да соберете сѐ што ќе треба. Доколку ви треба повеќе, со спуштање на задните седишта добивате 1.354 литри.


Ford Focus Active е хечбек на место


Ford Focus Active 20

Korrmotive


Да не звучам како папагал, ама ја знаете приказната. Кросовери, SUV, технологија, бла бла. Сето тоа е супер, и е клучно за да се опстои во индустријата. Понекогаш, ни треба потсетување што значи фантастичен хечбек. Понекогаш треба голема насмевка зад волан, одлична ергономија, добар дизајн и внимание кон деталите, а понекогаш треба и теренски способности без тоа да биде SUV. Накратко, понекогаш, ни требаат коли како Ford Focus Active.


ОЦЕНА: 9 / 10


Промотивната цена за Ford Focus Active (како тестерот) изнесува 29.990 евра, додека почетната цена (за Titanium со мануелен менувач) изнесува 25.990 евра. За повеќе инфо посетете ја веб страната на Ford Македонија, или пак продажниот салон на Гранд Ауто во Скопје. Цените се точни од времето на објавување.







© 2025 Korrmotive. Сите права се заддржани.

  • White Facebook Icon
  • Instagram
bottom of page