Конечно претставен новиот Toyota RAV4
- Марко Соколовски
- 1 day ago
- 4 min read
Понекогаш, претставувањето на нови модели од било кој автомобилски бренд се битни за другите пазари, но можеби не толку за Европа, а често е случајот да не се толку битни и за нашиов пазар. Тоа не е случајот тука.
После скоро 10 многу успешни години, конечно дојде време за целосно обновување на еден од најистакнатите SUV модели на светскиот пазар, а богами и на македонскиот. За што се работи?
Ова е новиот Toyota RAV4

Toyota
Иако вака не ми се познати продажните бројки, знам дека тековниот RAV4 се покажа многу успешно на нашиов пазар, со оглед на тоа дека гледам барем пет секој ден. Така да, ова деби е битно за нас.
Пред неколку часа, Toyota ја претстави новата шеста генерација RAV4, и има многу интересни новости. Прво и најочигледно мислам дека е дизајнот, кој иако е препознатлив, сепак има некои јасни разлики.

Toyota
На пример, RAV4 конечно ги добива hammerhead светлата кои ги гледаме на другите Toyota модели, со тоа што тука имаат малку поразлична форма и ги вметнуваат самите фарови, наместо тие да бидат посебни и да имаме уште една ситуација на наопачки светла како што е многу трендовско денес. Освен тоа, имаме сосема нова предна маска. Искрено да ви кажам, уште не сум ја навикнал, ама не изгледа лошо.
Страничниот дел е истата приказна; препознатлив, но сменет. Профилот општо е многу покоцкаст, и потсеќа прилично на Land Cruiser, што воопшто не е лоша работа. Најголемите сличности со досегашниот RAV4 се токму на задните крила и врати, но сепак се гледа дека се работи за нов модел тука.

Toyota
Позади имаме една интересна новост, а тоа е дека RAV4 името е сега испишано на вратата од гепекот, а имаме и сосем нов и многу впечатлив дизајн на штопови, кој се пресликува и во украсната пластика на браникот долу. Пофалби и само за кремастава боја.
Јасно ми е зошто Toyota не можеа целосно да полудат, да кажам, со дизајнов, но сепак се гледа дека се работи за нов модел, и многу ми се допаѓа авантуристичкиот пристап. Во САД ќе се нуди и со off-road пакет опрема, но за Европа не сум сигурен.

Toyota
Едно нешто што знам е дека RAV4 исто добива GR Sport изведба, многу слично како Corolla Cross. Како и тој модел, RAV4 добива многу слични аксесоари. Поагресивни и поголеми фелни, малку поагресивен дизајн на браници, како и рештелување на сервото и амортизацијата.
Океј, што има друго?
Само хибрид за новиот RAV4

Toyota
Можеби ќе се изненадите(!), но новиот RAV4 ќе биде достапен исклучиво со хибридни погони. Главната вест е новиот плаг-ин хибрид, кој доаѓа стандардно со 308 коњи, AWD, и батерија од 22.7 kWh која овозможува, според Toyota, дури 100 км опсег на струја. Ова е многу слично како и досегашниот RAV4 PHEV, и овозможува многу слично време до стотка од 5.8 секунди, така да, да преминеме на другите интересни новости.

Toyota
Една работа мене што ми фати око е тоа што плаг-ин верзијата на RAV4 сега ќе се нуди и со погон на предни, што би требало да овозможи многу подобра ефикасност, а можеби и поголем опсег на струја. Оваа верзија ќе има 268 коњи. Интересно е што ќе може плаг-ин хибридот да се полни на DC полнач до 50 kW, а и вградениот полнач е сега појачан на 11 kW.
За тие што не сакаат да уштекуваат во струја, достапен е секако и самополнечки хибрид. Оваа верзија ќе нуди 183 коњи со преден погон, или 191 коњи со AWD. Нема конкретно инфо околу менувачот, ама готово сигурно е дека ќе биде CVT.
Драстично поразличен ентериер

Toyota
Очигледно е дека Toyota не се воздржале со ентериеров. Ова е многу различно од сѐ што сме виделе од Toyota во изминативе година дена, нешто од тоа е добро, а за нешто од тоа не сум сигурен.
Многу ми се допаѓа новиот волан, кој исто потсеќа на оној во Land Cruiser, како и новата дигитална инструмент табла. Но, се чини дека Toyota се одрекле од речиси сите физички контроли за климата. Ко што гледам тука, само дел од нив се уште копчиња, но другото е трајно достапно на долниот дел од инфозабавниот екран. Според мене, штета, јас би ги уклопил копчињата за клима од Camry, рецимо.

Toyota
А да, и нешто што не очекував дека ќе видам кај Toyota модел: нископрофилен електронски менувач. Не знам од каде идејава, сигурно од некој спортски автомобил со моторот позади, или нешто така.
Шала на страна, ентериеров изгледа многу добро и многу унапредено, и во однос на квалитет, и во однос на технологија. Од Toyota ветуваат дека централниот екран е дотеран за вкусот на европските купувачи, и има точки на интерес директно од Google, како и опции за разни кратенки, а ќе има и OTA ажурирања на софтверот за да не мора да одите до сервисен центар.

Toyota
Многу битна работа е што RAV4 ќе биде првиот Toyota модел кој ќе доаѓа стандардно со новата Toyota Safety Sense 4.0 свита на безбедносни системи.
Уште не се знае кога ќе ни пристигне Toyota RAV4 во Европа, но јас мислам дека тоа ќе биде кон крајот на годинава или евентуално почеток на идната. Дефинтивно ме интересира како сите овие новости ќе се покажат во пракса.