top of page

Opel ја освежи Astra

  • Writer: Марко Соколовски
    Марко Соколовски
  • 55 minutes ago
  • 3 min read

И покрај денешната автомобилска клима, Opel и понатаму мисли (и во право е) дека има место во понудата за Astra. Тековната генерација се појави во 2022 година, и иако тоа како да беше вчера, сепак дојде време за освежување за Astra. Да видиме.


Ова е освежената Opel Astra


ree

Opel

Новата Astra воведува неколку новости, најмногу со дизајнот и со погонските системи, и една мала, но многу значителна промена до која што ќе дојдеме за кратко.


Првата промена се гледа однапред, со новата генерација Vizor дизaјн на Opel. Слично изгледа како кај Grandland, и сега доаѓа со осветлен Opel знак. Не сум нешто голем фан на осветлените знакови во последно време, но на Astra изгледа интересно, признавам.


ree

Opel

Побитна работа за светлата напред е тоа што адаптивната IntelliLux HD технологија која дебитираше кај Grandland сега доаѓа во Astra. Светлата напред имаат преку 50.000 елементи, и целта е да се развие уште подобар систем од досегашните matrix технологии. Тоа ќе го испробаме допрва.


Од страните забележуваме дека Opel го следи примерот на некои од своите Stellantis пандан брендови; тркалата немаат краци, барем во правата смисла на зборот. Вакви типови на геометриски дизајни сѐ почесто ги гледаме, и навистина интересно изгледаат на Astra, некако одговараат со целата дизајнерска насока кај овој модел. Позади нема некои огромни промени, со исклучок на новиот Opel Blitz знак на петтата врата.


ree

Opel

Отсекогаш ми се допаѓал дизајнот на Astra. Тврдам дека е еден од највпечатливите модели во опаѓачкиот (во однос на модели) хечбек сегмент. Богами и караванов добро изгледа, и со самото тоа што уште нудат караван изведба, тоа се бонус поени за Opel. Има и две нови бои, Kontur White металик бела и Klover Green металик зелена (таа на караванот на фотографиите).


ree

Opel

Ентериерот не е премногу различен, со исклучок на една многу важна работа: скоро сите пијано пластики се целосно отстранети. Ова беше една од моите најголеми забелешки кај досегашната Astra, и ми се допаѓа што Opel сериозно си го има сфатено фидбекот и централната конзола ја освежи со матирани материјали.


Другото изгледа генерално исто, што не е лоша работа; Astra ги заддржува физичките контроли за климата, а инфозабавниот систем е докажано добар. Само се надевам на подобрување за поврзувањето на смартфон, и со кабел и безжично.


Opel ја истакнува Astra Electric


ree

Opel

Соопштението не ги спомнува другите погонски единици кај новата Astra освен Astra Electric. Со оглед на намалениот интерес во електрични возила ширум светот, не знам дали јас би постапил така, но сепак, вреди да се спомне Astra Electric, бидејќи има некои новости.


Батеријата е сега 58 kWh, и WLTP опсегот е сега 454 километри. Освен тоа, ќе има vehicle-to-load за прв пат, а тоа значи дека Astra ќе може да полни други електронски и електрични уреди со помош на својата батерија.


ree

Opel

Новиот самополнечки хибрид на Stellantis оваа година (2025) се појави кај Astra, така да сигурно е тој дека ќе остане, а најверојатно ќе дојде и новиот плаг-ин хибрид со 195 коњи и автоматик со двојна спојка. 1.2 бензинецот сигурно ќе остане, единствено не е сигурно дали ќе преживее 1.5 дизел моторот. Peugeot 308, братучедот на Astra, го заддржа дизелот и во фејслифт верзијата, но останува да видиме за што се решиле Opel.


А кога ќе дознаеме? На самиот почеток на 2026, освежената Opel Astra ќе го има своето деби на Саемот за автомобили во Брисел, и таму ќе добиеме повеќе информации. Засега нема информации околу цените за ниеден пазар, тоа ќе дознаеме со тек на време.


© 2025 Korrmotive. Сите права се заддржани.

  • White Facebook Icon
  • Instagram
bottom of page