Toyota го претстави bZ4X Touring
- Марко Соколовски
- 6 days ago
- 3 min read
Toyota е еден од единствените автомобилски брендови кој цврсто верува во мултиенергетскиот пристап во авто индустријата, и не се срами тоа да го изрази со брутална искреност (а јас со нив се согласувам). Сепак, bZ4X електричниот SUV не беше баш на добар глас последниве неколку години, по готово кај странските колеги, во главно ради минималниот опсег на струја.
Не дека Toyota престана да верува во мултиенергетскиот пристап, но сепак реши малку да стегне заби и да ги доведе во ред електричните модели. Освен фејслифтот за bZ4X претставен пред пар месеци, како и новите C-HR+ и Urban Cruiser, на електричната понуда на Toyota се придружува уште еден модел, убедливо најинтересен досега.
Ова е Toyota bZ4X Touring

Toyota
Не ве лажат очите, Toyota ни подготви електричен теренски караван. Океј, уште го рачунаат за SUV модел, ама во моиве очи ова е lifted караван. Јако!
Ова е всушност моделот кој во САД ќе се вика bZ Woodland, и кога ја видов таа вест, мислев дека ќе се продава само на тој пазар. Многу сум среќен што бев грешка за тоа.

Toyota
Океј, ајде да видиме што се случува тука. Во глобала, bZ4X Touring изгледа скоро исто како bZ4X, само што е многу подолг и малку поголем генерално. Како што кажуваат од Toyota, ова е едно непрекинато („seamless“ во оригиналот) продолжение на bZ4X моделот, и буквално и фигуративно.
140мм се додаваат на должината, а 20мм на висината, што е доволно за дополнителни 148 литри капацитет во багажникот, за вкупно 600 литри, а има и флексибилни 40:60 задни седишта за да се зголеми капацитетот и понатаму.

Toyota
Кога сме кај капацитети, bZ4X Touring доаѓа со 74.7 kWh батерија стандардно, некои 3 kWh повеќе од досегашниот bZ4X, како и опција или за преден погон или за погон на сите четири тркала. Од Toyota тврдат дека најснажниот модел ќе има 380 коњи, што е огромно подобрување во однос на досегашниот bZ4X, кој имаше 217 коњи дури и во AWD изведбата. Со тоа доаѓа и подобрување на опсегот на струја, односно до 560 километри според WLTP.

Toyota
Иако bZ4X Touring ги добива истите освежени преден и заден дел како и регуларниот bZ4X, можеби веќе забележавте дека необоените украсни пластики на крилата ги заддржува, додека обичниот bZ4X ги отфрли целосно. Мене искрено никогаш не ми сметаа, но морам да признаам дека тука имаат далеку повеќе смисла, со оглед на авантуристичкото lifestyle поставување на овој модел.
DC полнењето е до 150 kW, што ако мене ме прашувате, можеше да биде малку подобро. Достапни се вградени полначи од 11 kW или 22 kW, а за сите оние lifestyle купувачи, ќе ве интересира дека bZ4X Tourng може да влече до 1.5 тони приколка.

Toyota
Внатре е сѐ генерално исто како и освежениот bZ4X, што значи дека најголемата промена е во инфозабавниот систем. Досега имавме посебни копчиња за клима уредот, но сега ги има физичките тркалца наместени врз зголемениот 14-инчен екран, исто како кај Lexus. bZ4X Touring на овие фотографии исто доаѓа со прекрасна кафеава кожа во ентериерот.

Toyota
Од Toyota потврдуваат дека bZ4X Touring ќе пристигне во Европа на пролет во 2026 година. Како што ќе се ближи таа пролет, ќе објават нови информации. Потврдија дека bZ4X доаѓа стандардно со Toyota Battery Care пакетот, односно гаранција на батеријата од 10 години или 1.000.000 километри. Не, не згрешив во пишување.

Toyota
Искрено? Ми се допаѓа ова. Toyota кога ќе намисли, може парче да направи, како што се докажа со Toyota Camry кој мене лично ме воодушеви. ЕВ битката уште трае во Европа, и сега ќе стане уште поинтересно.