Освежување за Toyota Corolla Cross
- Марко Соколовски
- 20 hours ago
- 2 min read
Дури ни легендарната Toyota Corolla не избегна кросовер варијанта пред неколку години. Сепак, Toyota Corolla Cross остави многу добар впечаток на македонските купувачи, со оглед на тоа дека ја зема наградата Златно тркало за најпосакуван семеен автомобил во 2023 година.
Иако искрено се осеќам ко вчера да пристигна Corolla Cross на европскиот пазар, веќе дојде време за фејслифт за овој модел. Ајде да видиме.
Toyota подготви фејслифт за Corolla Cross

Toyota
Веднаш се приметуваат промените кај освежената Corolla Cross. Од напред имаме освежени светла и предна маска, а сега е вклопен и еден од новите трендови кои се појавија во индустријава неоддамна: светла вградени во предната маска, како продолжение на фаровите.

Toyota
Во профил е во главно сѐ исто, со исклучок на новиов дизајн на фелни кој го гледаме, а позади имаме малку освежени светла, како и Cross натписот втиснат во петтата врата, во самиот метал.

Toyota
Една поважна и поинтересна новост кај освежената Corolla Cross е додавањето на GR Sport пакет. Овој пакет почна да се појавува кај речиси сите други модели на Toyota, од малиот Yaris па сѐ до Hilux пикапот.

Toyota
Кај Corolla Cross, освен што надворешниот дизајн кај е значително поразличен и поагресивен, GR Sport пакетот додава и спуштање на суспензијата за 10мм, Sport режим за возење, лопатки за симулирано менување на брзините. Toyota ветува дека овој модел ќе биде позабавен за возење.
На моделите со AWD-i погонот на сите тркала се додава и Snow Extra режим кој, како што наведува името, ветува подобри перформанси на снег. Овој режим ќе го има и кај GR Sport моделот.

Toyota
Нема многу новости околу погонските системи, и понатаму се достапни со Hybrid 140 и Hybrid 200, секој од нив со никогаш-нема-да-погодите-колку коњи, безстепен CVT автоматик, како и избор меѓу преден погон и погон на сите четири. Сѐуште се работи за петтата генерација на Toyota хибрид системот, кој имав прилика да го испробам во новиот Camry.

Toyota
Внатрешноста вака навидум изгледа исто, со голем екран за инфозабавните соддржини, и, како што гледам, истиот одличен софтвер како и многу други Toyota модели. Позади воланот има голем екран за инструментите, а главната вест за ентериерот е дека Toyota има многу појачано со материјалите за изолација, со цел да се зголеми комфорот.

Toyota
Според соопштението, новата Toyota Corolla Cross ќе пристигне во салоните ширум Европа летово (2025), а GR Sport би пристигнал наесен. Во моментов нема информации кога би пристигнал кај нас и кои би биле цените, но сигурно ќе дознаеме со тек на време, и за тоа ќе бидете известени.