Следниот Citroen C4 ќе биде многу поразличен
- Марко Соколовски

- 1 day ago
- 2 min read
Знаеме сите дека Citroen не е баш фан на следење на конвенциите за дизајн. Иако пред десетина години моделите на брендот беа прилично конзервативни, со тек на време, Citroen повторно си ја најде храброста, и тековните модели имаат меѓу поинтересните дизајни во светот на автомобилите.
Како што дознавме сега, тоа ќе биде случајот и со следната генерација на C4.
Citroen планира нешто радикално со следниот C4

Citroen
Според колегите од Autocar, директорот на дизајн на Citroen, Пиер Леклер, следната генерација на C4 ќе има сосема различен дизајн од досегашниот. Револуција наместо еволуција, ако ме сфаќате.
Како освежување, тековниот C4, кој беше на тест кај Korrmotive неоддамна, влегува во својата шеста година на европскиот пазар, и покрај тоа што фејслифтот се појави пред околу шест месеци. Третата генерација на C4 пристигна во 2020 година, и иако е сега поблиску до новиот визуелен идентитет на францускиот бренд, сепак е прилично различен од сосем новите C3, C3 Aircross и C5 Aircross.

Citroen
Е сега доаѓа интересниот момент; дизајнот на следниот C4 не само што ќе биде поразличен од досегашниот, ќе биде поразличен и од другите модели во понудата на Citroen. Секако, секој од нив си е уникатен на свој начин, ама следат еден вид на урнек што се однесува до дизајнот. Тоа нема да биде случајот со следниот C4, ако добро го сфативме шефот на дизајн.
„Експерименталноста отсекогаш била во сржта на брендот [Citroen]. Не можеме да бидеме секојдневен бренд, и верувам дека во иднината на брендот дизајнот мора да биде храбар за да се истакнува. Немам проблем со тоа луѓе да не ги сакаат нашите дизајни, но не сакам луѓето да мислат дека нашите дизајни се секојдневни.“

Citroen
Малку треба да се дешифрира поракава од Леклер, бидејќи не спомнува ништо конкретно за следниот C4, т.е во каква форма ќе дојде, но со оглед на тоа дека Citroen верува во грандиозниот comeback на моноволуменската класа, и со оглед на тоа дека дел од автоиндустријата е малку изморена од SUV и кросовер моделите, ова апсолутно може да значи дека следниот C4 ќе ја врати регуларната хечбек форма, која последно ја видовме на втората генерација.

Citroen
Знам дека муабетот за моноволумени не фигурира нешто многу тука, но повеќе се мисли на тоа дека Citroen не гледа иднина каде што целата лепеза на модели исклучиво ја сочинуваат SUV и кросовер модели. А кој знае, може и ќе видиме враќање на легендарниот Picasso…




