Ford признава дека треба да нуди повеќе од само SUV модели
- Марко Соколовски
- Aug 13
- 3 min read
Во 2019 година, Ford направи еден многу контроверзен потег со тоа што ги укина сите регуларни патнички возила од понудата во САД и Канада. Останаа само Mustang и Focus Electric (додека и тој не го укинаа), другото беше SUV и пикап возила.
Со тек на време, истово почна да се случува во Европа. Mustang и Focus останаа во понудата, додека другото е или SUV, или комерцијално, или патничко базирано на комерцијално.
Набргу по најавата на Ford дека ќе има нови модели за европски пазар откако дилерите направиле малку притисок, потврдија и нешто друго.
Ford призна дека беше грешка да се нудат исклучиво SUV модели – изгледа наскоро тоа ќе се смени

Korrmotive
Според информации пренесени од колегите од Motor1, внукот на Хенри Форд, Вилијам Клеј Форд, кој е претседател на Синиот Овал од 2006 година, си призна:
Што се однесува до патничките возила, не сме робустни колку што треба да бидеме. Моментално работиме на идната стратегија. Мислам дека ќе бидете изненадени, и тоа пријатно изненадени, од тоа што доаѓа.
Ова мене ми кажува едно нешто, а тоа е дека Ford зад сцената сфатија дека жалбите од клиентите, и сегашни и потенцијални, како и од своите дилери, се сосема основани. Иако изјавата на Бил Форд е контрадикторна со онаа на извршниот директор Џим Фарли, кој кажа дека повеќе ќе се стави фокус на „иконските“ модели (што и да значи тоа), сепак се чини дека Ford ја согледа грешката.

Korrmotive
Како што спомнав погоре, оваа вест ни доаѓа многу брзо откако Ford најавија развивање на сосем нови модели за европскиот пазар, откако добија малку притисок од страна на дилерите.
Одлукава, според мене, е сосем исправна. Понудата на Ford во Европа малку стагнира, и покрај тоа што моделите имаат многу силни страни, а тоа ги вклучува и двата електрични модели базирани на MEB платформата на Volkswagen, Explorer и Capri.

Ford
Не се покажаа ни приближно добро како што се очекуваше, а Capri не беше баш пречекан со аплауз, во главно поради името. Тоа ги остава Puma, која е моментално во својата шеста година, Kuga, која е исто во шестата година, и Focus. Уште Mustang додајте го тука, и другото е сѐ базирано на товарно или комерцијално возило.
Ако успее Европскиот сојуз на автомобилски производители да издејствува како што треба, можно е да видиме оживување на модели од типот Fiesta или пак Mondeo. Дејствување во случајов се однесува на тоа дека европските регулативи би ги направиле Б-сегмент возилата многу скапи.

Korrmotive
Доколку законодавците добијат малку здрав разум, еве, зошто да нема нова Fiesta и со електричен и со хибриден погон? Нешто како MG 3 Hybrid, Toyota Yaris Hybrid итн.
Тука е добро време да се спомне дека Ford, како и многу други, се повлече од плановите за нудење исклучиво електрични возила до 2030 година, иако неоддамна најавија скалабилна ЕВ платформа што ќе може да поддржи буквално секаков тип на возило.

Korrmotive
Другите платформи и EcoBoost моторите имаат уште многу живот во нив, и мислам дека е време. Европејците во моментов не можат да купат Ford со EcoBoost мотор кој има четири цилиндри (а да не е хибрид), со исклучок на Ranger.
Тука можат многу добро да играат и Bronco Sport, бидејќи почнаа полека другите со нудење на коцкасти офроудерски SUV модели, а особено овие од Далечниот Исток.

Ford
Секако, јас како фан на седани, би сакал да видам едно оживување на Mondeo. Сегментот кој е моментално доминиран скоро исклучиво од Skoda Superb и Toyota Camry во голем дел од Европа, со тоа што Camry не се нуди во сите европски пазари и Superb се нуди само како караван во некои од нив, треба да се раздрма малку.
Bottom line, Ford сфати дека треба понудата да вклучува повеќе различни возила, и имам чувство дека ќе видиме доста интересни работи во наредниве неколку години.