top of page

Geely со нов тест центар и нов успех во Германија

  • Writer: Марко Соколовски
    Марко Соколовски
  • Jan 21
  • 3 min read

Сите кинески производители се трудат и понатаму да му покажат на светот дека знаат како да ја играат играва. Тоа се гледа преку успесите, секако, но се гледа и преку нивните инвестиции за подобрување на моделите. Токму тоа е случајот со Geely, кој редовно ги објавува своите успеси на глобално ниво. Geely е понатаму еден од најголемите кинески производители, и понатаму вложува во R&D за да ја претекне конкуренцијата. Ајде да видиме за што станува збор.


Geely отвори нов тест центар


Geely

Еден од главните фокуси на новиот тест центар на Geely е безбедност, но тука ќе бидат тестирани моделите на брендот на сите фронтови и ќе се работи макотрпно за да бидат подобри. Тест центарот се наоѓа во Нингбо, Кина, и зафаќа површина од 45 квадратни километри. Со тоа, ова е официјално најголемиот тест центар во светот. 


Korrmotive

Најинтересната цифра тука е убедливо инвестицијата. Geely има инвестирано 2 милијарди јуани во овој тест центар. Со тековниот курс, тоа се 245 милиони евра. Центарот ги опфаќа сите видови на безбедносно тестирање; удари со високи и ниски брзини, тестирање сајбербезбедност, over-the-air ажурирања на софтвер, итн.


Освен што е најголем тест центар во светот, овој објект има освоено уште четири светски рекорди, и повеќето од нив се поврзани со методите на тестирање за удари.


Гинисовата книга на светски рекорди официјално потврди дека објектов ја има најголемата внатрешна лабораторија за безбедносно тестирање, со површина од 81 квадратен метар. Тоа е еден трисобен стан, само за тестирање возила и нивната безбедност. Со висината на инвестицијава, се приближуваат и до цените на скопскиот квадрат.


Korrmotive

Со оглед на тоа дека Geely и производителите под тој чадор редовно постигнуваат огромни успеси за безбедност, ова е само следниот чекор, и понатамошен доказ дека еден од најголемите приоритети на Geely Auto останува безбедноста. Тест центарот исто ќе се фокусира на човековото здравје; ќе има екипа на т.н златни носеви, кои ќе евалуираат и ќе се трудат да елиминираат штетни мириси, и ќе се трудат сите модели на Geely Group да бидат сертифицирани за нула штетни мириси. 


Освен безбедноста, Geely има и друго нешто со кое може да се пофали.


Geely е еден од најиновативните производители на ЕВ


Geely

Според германскиот Центар за автомобилски менаџмент, односно CAM, Geely е најиновативен производител на електрични возила, и го дели подиумот со Volkswagen AG и BYD.


CAM има прецизна методологија за утврдување на иновациите, и Geely ги води другите со 193 поени, и се наоѓа на ова место поради инвестициите и иновациите во нова, подобрена батериска технологија, која води до поголема енергетска ефикасност. 


Според соопштението од Geely: 


Евалуацијата се фокусираше на таканаречената 'CAM тријада', која ги опфаќа автономијата, потрошувачката на енергија и моќноста на полнење – клучни параметри релевантни за корисниците во електричната мобилност. Дополнително, беа земени предвид и пенетрацијата по сегменти (на пример, првото воведување електричен погон во одредени возилски сегменти) и други иновативни развои поврзани со електромобилноста. Тие вклучуваат напредок во батериската технологија, управувањето со полнењето и поврзаните системски компоненти.

Geely

Иако сѐуште не сум имал прилика да го испробам EX5, моментално единственото ЕВ на Geely кое се нуди кај нас, ова достигнување е навистина за пофалба. Geely не е најмладиот автомобилски производител моментално, но веќе покажува огромен успех помеѓу многу сериозна конкуренција, и како што сите мислам дека би се сложиле на Балканот, ако германец ти каже дека нешто добро си завршил, а знаеме тие колку се строги, може да им се верува.




© 2025 Korrmotive. Сите права се заддржани.

  • White Facebook Icon
  • Instagram
bottom of page