top of page

KORRMOTIVE ТЕСТ: Lynk & Co 08

  • Writer: Марко Соколовски
    Марко Соколовски
  • Nov 23
  • 6 min read

Досега имав прилика да ги испробам Lynk & Co 01 и Lynk & Co 02, двата модели одлични за својот соодветен сегмент и тип на погонски систем. Со толку добар перформанс, сигурно би се запрашал човек; што ако имаше Lynk & Co модел без никакви, да кажам, ускратувања? Што ако имаше модел на Lynk & Co кој беше, во права смисла на зборот, еден голем showcase за тоа што сѐ може шведскиот бренд? 


Токму таков модел и постои. Ајде да видиме.


Korrmotive го тестира Lynk & Co 08


ree

Korrmotive

Кај Korrmotive на тест пристигна Lynk & Co 08, со максималниот More пакет на опрема и бела боја. Моментално, 08 е знаменосецот на брендот на нашиот пазар во секоја смисла; најголем и најполн со опрема. И најмоќен, секако, ама за тоа подоцна.


ree

Korrmotive

За разлика од другите пати кога сум ви зборувал за дизајн, овде нема да навлегувам нешто многу. Само ќе кажам кратко и јасно: ова е еден од најдобрите и највпечатливите дизајни кои ги видов годинава. Дизајнерските елементи на Lynk & Co, како што се дневните светла со четири сегменти и општата остра естетика се опасни, а кај 08 има и неколку нови уникатни елементи кои се доста фалбаџиски, ама имаат право да бидат. 


ree

Korrmotive


Frameless прозори, црните додатоци на вратите каде што се наместени ретровизорите, дифузерот на задниот браник кој е во каросериска боја, 21-инчните тркала на овој модел, нема шанси да го промашите во сообраќај. Белата боја е супер, да, ама за мене достапната темнозелена е малку поинтересна. Сѐ на сѐ, стварно некој се потрудил со дизајнов, и е далеку поуникатен од другите модели во класата.


А што го движи 08?


Невообичаен плаг-ин хибриден погон


ree

Korrmotive


Освен што Lynk & Co 08 има еден од најопасните дизајни годинава, има и еден од најкомплицираните погонски системи. Lynk & Co 08 е, официјално, плаг-ин хибрид, но јас повеќе би го класифицирал како нешто помеѓу плаг-ин хибрид и EREV, т.е електрично возило со продолжен опсег.


Под хауба имаме 1.5 турбо бензинец со четири цилиндри и 137 коњи, истиот како оној што го има освежениот 01 на Lynk & Co. Бензинецот е спарен со електромотор кој има 210 коњи. Чекај, што?


ree

Korrmotive

Да, електромоторот кај 08 има значително повеќе сила од бензинскиот мотор, и тој доаѓа со голема батерија од 39.6 kWh, што е повеќе од многу целосни ЕВ на пазарот денес. 


Сето тоа значи дека Lynk & Co 08 официјално може да помине околу 200 км на струја, што е повеќе од некои од првите ЕВ на пазарот од пред петнаесетина години. А 08 е плаг-ин хибрид. Ме следите до сега? Океј, бидете така, има уште неколку работи.


ree

Korrmotive

Вкупниот системски износ, кога двата погонски системи работат во тандем, е 345 коњи. Тоа оди до предните тркала преку 3-степен DHT автоматик. Поради големината на електромоторот и батеријата, Lynk & Co 08 е плаг-ин хибрид кој може да го полните на DC полнач, и тоа до 85 kW, што ви овозможува да ја наполните батеријата од 10% до 80% за околу половина час.


ree

Korrmotive


Иако реков дека има EREV момент кај 08, тоа не е до крај вистина. Кај EREV моторот со внатрешно согорување никогаш не ги движи тркалата, но кај 08 може да ги движи. Сепак, грото од времето тоа нема да се случува. 


Ајде, полека, да започнеме со градската вожња. Генерално, во град ќе возите на струја поголемиот дел од времето, но може да се случи да се вклучи бензинскиот мотор. Тоа ми беше интересен момент за навикнување; има звук од мотор на внатрешно, но респонзивноста кога додаваш гас е како на електричен автомобил. 


ree

Korrmotive

Всушност, електромоторот може да работи до брзини од 140 км/ч, така да, доколку е полна батеријата, и на отворено ќе возите на струја. Но, едно по едно.


Во град навистина немам лош збор да кажам. Тивко, мирно, прегледно, интересно поради респонзивноста, но генерално многу пријатно искуство. Не се чувствува како да е многу голем автомобил (иако е), и паркирање и маневрирање не беше воопшто страшно.


ree

Korrmotive

Тука беа камерите и сензорите (одлични, патем) да помогнат, но генерално, во повеќето паркинг места нема да имате проблем да влезете. Исто така морам да ја пофалам амортизацијата. За возило со 21-инчни тркала, Lynk & Co 08 навистина беше удобен.


Исто тука морам да ги пофалам Lynk & Co за безбедносните системи. Тестеров имаше добиено ажурирање на софтверот (кое инаку може да се прави само преку нет, без да треба да одите во сервисен центар), и безбедносните системи, конкретно сензорот кој ве гледа дали следите и дали ви се одвлекува вниманието, се потивки и потолерантни.


Има повеќе време да подесите нешто во екранот, или да извадите нешто од централната конзола пред да ве подбере. Со оглед на тоа дека претходно овие системи беа многу поосетливи, ова е за пофалба. 


ree

Korrmotive

На отворено исто немам лош збор. Малку имаше звуци од патот, но тоа мислам дека е повеќе до Bridgestone Blizzak зимските гуми кои ги имаше тестеров. Генерално, на автопат е многу комфорно, и 08 е многу способен за повисоки брзини. Мислев дека ќе има повеќе звуци од ветерот со оглед на frameless прозорите, но тоа не беше случајот.


За толку висок и голем автомобил, и способностите во кривини прилично ме изненадија. Имаше малку навалување, но сепак далеку поспособен од што би очекувале. Би сакал тука да истакнам дека ако брзината е поголема од 140 км/ч, бензинецот се вклучува и работи цело време.


ree

Korrmotive

Знам дека ве интересира потрошувачка. Доколку има батерија и доколку го возите како што треба, може да очекувате потрошувачка од околу литар бензин на 100 км, а можеби и помалку доколку сте внимателни. 


Но, да речеме дека сте снемале батерија, или е при крај. Се случуваат вакви работи со плаг-ин хибрид, и 08 e спремен за тоа. Има режим на возење каде што бензинецот превзема улога на генератор (EREV моментот кој го спомнав погоре). Во оваа ситуација, 08 се однесува повеќе како самополнечки хибрид. Бензинецот работи цело време и ја полни батеријата, и во оваа ситуација може да очекувате потрошувачка од околу 6.5 до 7 литри бензин, што е одлично.


Сѐ на сѐ, одлично искуство зад воланот на 08. Имав високи очекувања, но би рекол дека и тие ги надмина.



Кабината го покажува максималниот потенцијал на Lynk & Co


ree

Korrmotive

Како што си кажува насловот на ова поглавје, ентериерот на 08 е повеќе еден исказ „Видете што можеме ние.“ Испадна дека многу можеле тие. Од технолошки аспект и од аспект на квалитет на изработка, Lynk & Co 08 не е шега.


Екраните за инструментите и мултимедија се истите како кај 02 и 08, што значи респонзивен софтвер, беспрекорно безжично поврзување со смартфон, а тука е и фантастичното Harman/Kardon озвучување. Малку беше силен басот за мој вкус, но сето тоа си е подесиво, и има опции да одберете неколку профили за да звучи како да сте во студио, на концерт и сл.


ree

Korrmotive

08 исто го има најдобриот дизајн на волан, според мене, од сите Lynk & Co модели, и дали го спомнав квалитетот на изработка? Во секој поглед 08 е премиум производ, што јасно се гледа од сѐ што ќе допрете и ќе видите.


Опремата е исто така многу премиум; панорамски сончев покрив, кожни седишта со електрично подесување, греење, вентилација и масажа(!), matrix LED светла кои имаат и многу интересни светла за кривини (сигурно ви се познати под името cornering lights), и многу многу друго, навистина премногу за да наведам сѐ тука.


ree

Korrmotive

Секако, има еден куп пасивни и активни безбедносни системи. Многу е просторно, стаклените површини дозволуваат да влезе еден куп светло, иако немаше нешто многу светло како што можеби приметивте од фотографииве, и ми се допадна колку е seamless процесот на тргнување, бидејќи нема старт-стоп копче. Влегувате, ставате во drive, и тргате. Фактички, Lynk & Co 08 е цело време вклучен, сѐ додека не ги заклучите вратите. Од моментот кога ќе ги отклучите, тој е спремен да тргне.


ree

Korrmotive

Главна забелешка ми беше инфозабавниот систем. Да, респонзивен е, и да, има пријатна графика и одлично поврзување со телефон, ама сепак би сакал уште некоја ситна физичка контрола. Нема потреба фиоката/касетата да се отвара преку екранот, на пример. Исто мислам дека добро би дошол еден heads-up дисплеј на шофершајбната. Освен тоа, навистина немам лош збор да кажам. 


ree

Korrmotive

Просторот на задната клупа е обемен, а имате и каде да наполните некој електронски уред позади, и бидејќи подот е рамен, не е страшно и да треба да седне некој на средното седиште. Багажникот нуди 540 литри капацитет, кои стануваат 1.254 литри со преклопување на задната клупа.



Речнички пример за знаменосец


ree

Korrmotive

Lynk & Co општо остави одлични први впечатоци на нашиов пазар со другите два модели, 01 и 02. Со 08, Lynk & Co си дава малку повеќе слобода да покаже како треба да изгледа еден модел кој стои на врвот на понудата. Таа слобода дефинитивно се исплатела, бидејќи ова е еден исклучително стокмен SUV, и иако можеби не е за сите видови купувачи, но оние кои го разбираат и им одговара нема да се разочараат.


Со други зборови, фантастична кола.



ОЦЕНА: 9 / 10


Почетна цена на Lynk & Co 08 изнесува 54.990 евра

Цената на тестираниот модел изнесува 59.990 евра

За повеќе инфо, посетете ја официјалната веб страна на Lynk & Co, или пак продажниот салон во Скопје.

Цените се точни од времето на објавување


© 2025 Korrmotive. Сите права се заддржани.

  • White Facebook Icon
  • Instagram
bottom of page