KORRMOTIVE ТЕСТ: MG HS
- Марко Соколовски
- Sep 25, 2024
- 5 min read
Поминаа пар години откако MG Motor го направи своето деби на македонскиот пазар. Откако беше превземен од SAIC Group пред петнаесетина години, MG Motor, со исклучок на Обединетото Кралство, беше долго време отсутен од европските пазари.
Сега се тука да останат, и да понудат нешто што на сите би ни се допаѓало: одлични, способни автомобили по далеку попристапни цени. После првото мое искуство со MG, можам да кажам дека бев прилично пријатно изненаден.
Korrmotive го тестира MG HS

Korrmotive
И тоа не било кој MG HS, ова е новиот фејслифт MG HS кој изминатово лето пристигна на македонскиот пазар. Пред освежувањето, овој модел беше достапен кај нас само пар години, а сега со новата предница и подобрените технологии, спремен е повторно да понуди една value focused алтернатива од останатите SUV конкуренти.

Korrmotive
Да го спомнеме важното: овој HS го носи максималното Luxury ниво на опременост, ја носи опционалната Dover бела боја и под поклопецот има 1.5-литарски турбо бензинец со директно вбризгување и 162 коњски сили, кој ги движи предните тркала.

Korrmotive
Ајде да започнеме, како и вообичаено, од дизајнот. Отсекогаш ми се допаѓал посуптилниот, класичен дизајн на HS, но иако новиот фејслифт е малку понаметлив од претходно, сепак е еден релативно суптилен, ефективен дизајн кој сега има доста повеќе авторитет.

Korrmotive
Најголемите промени се забележуваат напред, каде што имаме сосема нов дизајн на маската, нови светлосни групи, како и нови трепкачи кои се вертикално поставени во браникот и многу потсеќаат на призма.
Нема ништо ново од страна освен новите дизајни на фелни, додека позади имаме освежени стоп светла. Како што кажав, ефективно, ненаметливо, атрактивно. Лично не би ја одбрал белата боја, има доста интересни во понудата, но и таа го личи добро.
Способен турбо бензинец и автоматик со двојна спојкa

Korrmotive
Како што наведов погоре, ова е регуларниот HS, a тоа значи под поклопецот имаме 1.5-литарски турбо бензинец со директно вбризгување кој испорачува 162 коњски сили до предните тркала преку 7-степен DCT автоматски менувач. Достапен е и EHS моделот со плаг-ин хибриден погон, но тука ќе се фокусираме на обичниот турбо бензинец.

Korrmotive
Генерално, перформансите се одлични. Да се разбереме, ова не е спортски автомобил, но сепак има сосем доволно сила за постигнување повисоки брзини и претекнување доколку е потребно, а исто така е многу тивок и рафиниран на пониски брзини. Ме изненади и звукот на моторот, особено на пониски вртежи. Навистина звучи добро!

Korrmotive
Трансмисијата се покажа доста добро кога бев во движење, но има минимално двоумење при тргнување или на пониски брзини. Ми беше и малку чудно зошто автоматски менувач со двојна спојка нема опција за мануелно менување на брзините (имаше само Sport режим), но сепак, најголемиот дел од времето менувачот си ја врши работата како што треба.

Korrmotive
Што се случува со потрошувачката? Мерено во мешани услови (градски, отворен пат), можете да очекувате околу 9 литри бензин на 100 изминати километри, што кога ќе земеме во предвид за каков тип на возило станува збор, тоа воопшто не е лошо. Во градски услови се движи и понатаму околу 9 или 10 литри, додека на отворено е поблизу до 7 литри.

Korrmotive
Однесувањето во свиоци е солидно за автомобил од оваа класа. Навалувањето при вртење е минимално, и фидбекот од управувачот и педалата за гас е солиден.

Korrmotive
На автопат исто така се покажа добро. Имаше минимално звуци од патот и од ветерот, но сепак солидно. Комфорот беше на високо ниво и покрај тоа што суспензијата фабрички е малку поцврста, со цел подобро однесување во свиоци за автомобил кој е, сепак, прилично висок и оддалечен од тлото. Инаку, HS моментално на нашиот пазар се нуди исклучиво со погон на предните тркала.
Квалитетен и релативно едноставен ентериер

Korrmotive
Отворете ја вратата и веднаш ќе забележите дека ентериерот на MG HS нема никаква препотентност. Сѐ е конвенционално, лесно на дофат, и добро смислено, и покрај тоа што нема физички контроли за клима уредот. Седиштата во овој модел беа обвиени во кожа, и се прилично удобни и имаат многу подесувања за идеалната ваша возачка позиција. За мене беше малку високо, но тоа значи дека секогаш ќе имате добра прегледност. А кога сме кај тоа, прегледноста е исто така добра.

Korrmotive
Квалитетот на изработка е многу добар, а тоа го поддржува и фабричката гаранција од 7 години која ја нуди MG. Инфозабавниот екран има сѐ што ви треба и е доста респонзивен, но за поврзување на вашиот телефон преку Apple CarPlay и Android Auto е потребен кабел (USB-A на другиот крај). Ентериерот има и доста места за одлагање на вашите предмети, а дигиталната инструмент табла е јасна и лесна за читање.

Korrmotive
Една огромна пофалба за можноста да се исклучат некои од безбедносните системи само со едно копче поставено на ракетите за трепкачи и темпоматот, наместо да треба да ја барате опцијата во скриено мени во инфозабавниот систем. Многу ми се допаѓа и тоа што количината на сјајно црни пластики е сведена на минимум.

Korrmotive
Една мала забелешка морам да упатам до збирот од камери за паркирање. Резолуцијата е прилично ниска, и може да биде малку тешко да одредите што се случува надвор. Сепак, има многу агли, вклучувајќи ја и онаа добро позната опција да изгледа како да стоите надвор до возилото.
Исто така да ве предупредам, доколку уживате во малку погласна музика додека возите, не заборавајте да стишате пред да го исклучите возилото, бидејќи може, како вашиот автор, да се подисплашите на следното возење.
Седиштата се многу удобни и имаат многу подесување, и секогаш е добредојдено присуството на сончев покрив. Сѐ на се, ентериерот на HS е пријатно место за поминување на времето, а со тоа помага и амбиенталното осветлување како и црвено-црната кожа која владее во целиот ентериер. На задната клупа има солиден простор, како и за нозете, така и за главата, а багажникот нуди солидни 463 литри капацитет, а со преклопени седишта тоа станува 1.454 литри.
MG HS беше навистина пријатно изненадување

Korrmotive
Ова беше моето прво подолго искуство со еден од моделите на MG. Иако имав неколку минимални забелешки, како што кажав и погоре, навистина бев пријатно изненаден од MG HS. Моментално најголемиот SUV на MG има многу што да понуди, од богата опрема до солидно искуство зад воланот и, искрено да ви кажам, доста впечатлив дизајн. MG веќе се покажаа прилично популарни на нашиот пазар, и после моето искуство со HS, можам да кажам дека успехот е навистина оправдан.
ОЦЕНА: 7.5/10
Почетната цена на MG HS изнесува 28.700 евра, додека цената на тестерот со Luxury пакет на опременост, белата каросериска боја и автоматски менувач изнесува 34.000 евра. За повеќе информации, посетете ја официјалната веб страна на MG Motor Македонија или пак продажниот салон на Гранд Ауто. Цените се точни од времето на објавување.