Lynk & Co ја проширува европската понуда со 08
- Марко Соколовски
- Mar 2
- 2 min read
Многу ликови како мене избрзаа и го нарекоа Lynk & Co кинески бренд, но всушност е шведски, со седиште во Шведска, со сѐ, но возилата сепак се склопуваат во Кина.
Овој бренд е достапен на неколку европски пазари веќе некое време, а влегоа и во Македонија оваа година. Пред неколку дена, Lynk & Co го претставија најновиот модел кој ќе се придружи во европската понуда.
Ова е Lynk & Co 08

Lynk & Co
Како и другите модели во понудата, 08 е исто така SUV. Подобро е да се игра безбедно, нели? 08 е далеку поголем од компактните 01 и 02, и ако ме прашувате мене, дизајнов е лудница!
Ова ќе врти погледи во било која европска земја, а камо ли на нашиов пазар. Ги има најновите дизајнерски елементи на брендот кои исто ги видовме кај 02, меѓу кои острите дневни светла на хаубата и затворената предница. Тоа може ќе ве наведе да мислите дека ова е електрично возило, но не е. Барем поголем дел од времето, не е.
200 км опсег на струја?

Lynk & Co
Добро читате. Lynk & Co 08 е плаг-ин хибриден SUV кој може да помине до 200 километри на струја, и Lynk & Co тврди дека ова е најголем опсег на струја кај било какво плаг-ин хибридно возило во Европа. Со оглед на другите WLTP проценки за плаг-ин хибридни возила на нашиов пазар, кои ретко надминуваат 100 км, им верувам.
Опсегот на струја е голема вест кај 08, и таа бројка е возможна благодарение на батериска кутија со 39.5 kWh капацитет. Само да ви ја ставам бројкава во контекст, најголемата батерија на целосно електричниот Nissan Leaf пред десетина години беше помала, со капацитет од 30 kWh.
Засега не се знае со каков мотор на внатрешно согорување ќе биде спарен електромотроот, но ако кинескиот модел е репер (според Carscoops), тоа ќе биде 1.5 бензинец со четири цилиндри.
Интересните детали не застануваат тука. Толкава батерија си повлекува и еден друг бенефит: DC полнење. Повеќето плаг-ин хибриди во Европа се полнат на AC (наизменична струја), а Lynk & Co 08 ќе може да се полни на посилните DC полначи. Ставете бензин до горе, и со полни батерии 08 ќе може да помине добри 1,100 километри.

Lynk & Co
Внатрешноста е слична како кај 02, што значи голем екран за инфозабава и голем екран за инструмент таблата. Најголемиот дисплеј во ентериерот не е тука, туку е проектиран на шофершајбната: Lynk & Co се пофалија дека head-up дисплејот е цели 92 инчи! Кај и да ви е свртен погледот, ќе имате прегледни информации. Тоа е тоа за информациите од времето на објавување, ама нормално, со тек на време ќе се појават уште детали.
Lynk & Co 08 ќе го раздрма SUV пазарот

Lynk & Co
Ако мене ме прашувате, дизајнов е прва лига. Многу храбар и доста различен од конкуренцијата, а не е дека во овој сегмент дизајните се инаку нешто многу смирени и суптилни. Во исто време, успева некако да биде и посмирен, не е премногу in your face. Опсегот на струја и полнењето дополнително ќе го раздрмаат пазарот на големи SUV модели во Европа.
Lynk & Co 08 ќе започнува од 52.995 евра во одбрани европски земји. Засега не се знае колку ќе биде во Македонија, ама јас знам дека со нетрпение чекам да го пробам.