Наскоро ќе го видиме Skoda Epiq
- Марко Соколовски

- 6 hours ago
- 2 min read
Skoda се подготвува во скоро време да го лансира својот најмал електричен модел, Epiq. Пред официјалното претставување, Skoda сподели повеќе информации за моделот, како и камуфлиран прототип кој ни дава отприлика идеја за како сето тоа ќе изгледа.
Ајде да видиме…
Skoda Epiq се приближува до своето деби

Skoda
Некаде, некој американски медиум ќе каже дека уште 10 минути во рерна и готово ќе биде, ама навистина е така. Иако прототпиов носи прилично обемна и многу шарена камуфлажа, можеме да видиме под сето тоа дека се крие еден многу важен момент; ова ќе биде првиот сериски модел на Skoda кој во целост ќе го носи новиот Modern Solid визуелен идентитет. Коефициентот на отпор е 0.275, што е одлично за еден прилично коцкаст кросовер.

Skoda
И напред и позади одма се познаваат деталите кои ги видовме на Vision 7S концептот, вклучувајќи ја и новата маска и новиот дизајн на светла. Сосема различно од тековните модели на Skoda, и тоа ќе му оди во прилог сигурно.

Skoda
Skoda не објави слики од ентериерот, но ветуваат 5.3-инчен екран за возачот, и стандарден 13-инчен екран за инфозабавните соддржини. Не се спомнува ништо за физички контроли надвор од екранот, но знаејќи ги Skoda, може да очекуваме барем повеќе од вообичаеното. Секако, има и еден куп рециклирани материјали и разноразни опции за тапацирот на седиштата.
Epiq е поставен на MEB+ платформата, направена конкретно за мали електрични автомобили. Најголемата разлика меѓу + и, да кажам, не-плус верзијата е тоа што MEB+ користи преден погон.

Skoda
Epiq ќе нуди две различни јачини на батерија и електромотор. Основниот Epiq 35 има 116 коњи и батерија од 38.5 kWh, додека Epiq 40 има 135 коњи со истата батерија. Најсилниот Epiq 55 има поголема батерија од 55 kWh, и електромоторот испорачува солидни 210 коњи.
За помали трошоци, помалата батерија има литиум-железо-фосфат (LFP) хемија, која е многу стабилна и минимално деградира со тек на време (во однос на други хемии), но нема многу моќност по ќелија. Тоа не е до Skoda, тоа е познат недостаток на LFP хемијата. Поголемата батерија има пософистицирана никел-манган-кобалт (NMC) хемија.

Skoda
Сите се полнат на 11 kW AC, како повеќето полначи на ЕВН или полнач кој може да го поставите дома, додека најбрзото полнење на DC полнач е 133 kW, што значи 10% до 80% за само 23 минути. Само најголемата батерија ќе биде оспособена за такво полнење. За средната батерија е 28 минути, а за најмалата уште нема информација.
Засега нема информациии околу цените, но Skoda афирмира дека на повеќето пазари цената ќе биде многу блиска со Kamiq, кој е, да кажеме, бензинскиот пандан на Epiq. Skoda ќе го претстави Epiq целосно во првата половина од годината, според соопштението, што значи може да очекуваме официјално деби во следните пар месеци. Засега нема инфо кога би пристигнал кај нас и која би му била цената.




