Opel Mokka вести - Фејслифтот стигна кај нас, претставена Mokka GSE Rally
- Марко Соколовски
- 14 minutes ago
- 3 min read
Две птици со еден камен, така одеше изреката? Само што не се птици, туку се работи за Opel Mokka. Изминативе пар денови, се случија две интересни новости за малиот кросовер на Opel. Едната вест е за нашиов пазар конкретно, а другата е за занимлива концепт изведба на Mokka. За што се работи? Да почнеме со таа за нашиот пазар.
Кафе со освежената Opel Mokka

Korrmotive
Конечно кај нас пристигна освежената Opel Mokka, и како и претходниот пат, така и сега, Еуроимпекс нѐ покани на опуштено кафе и дружба. Како што тие самите кажаа, денот започнува со мока кафе, а продолжува со новата Opel Mokka. Genius :)

Korrmotive
Фејслифтот за Mokka е доста суптилен, но сепак има некои важни и интересни промени. Можеби најочигледната во овој случај е оваа прекрасна сина боја, што мислам дека е стварно греота ако не се продаде во големи бројки (а знам дека нема, за жал).

Korrmotive
Главната новост од напред е малку изменета предна маска, малку освежени светла, како и новиот Opel Blitz знак во средина, кој на овој модел беше во црна боја. Некои модели на Mokka исто доаѓаат со црна хауба, без разлика која боја на каросерија ќе ја одберете.
Од страна сѐ си е исто, а позади има малку освежени светла и, пак, новиот Opel знак, кој и тука беше црн. Во внатрешноста најприметливата промена, освен тоталното исфрлање на пијано црната пластика (конечно), е новиот волан, кој потсеќа многу на воланот во Grandland.

Korrmotive
Mokka генерално ги заддржува истите погонски системи, ама сега го додава и новиот самополнечки хибрид кој имав шанса да го испробам во Corsa, а и Mokka Electric добива малку поголем опсег на струја и појачан електромотор со 156 коњи. Новата Mokka е веќе достапна кај нас, а наскоро ќе пристигне и на тест, па ќе видиме со што има да се пофали.
А што е другата вест за Mokka?
Opel ја претстави Mokka GSE Rally

Opel
Досега не сум го спомнал ова, но спортските Opel модели кои ја носат GSE значката ќе бидат целосно електрични. За да се прослави ова, Opel претстави еден многу интересен концепт базиран на Mokka, а тоа е Mokka GSE Rally.
Како што можеби погодивте, ова е појачана верзија на Mokka спремна за рели трки, и ќе се натпреварува во ADAC Opel Electric Rally Cup наскоро. Но, ова е првиот автомобил кој ги исполнува регулативите на FIA за eRally5, и од 2026 година се очекува да почне настапува и по други рели шампионати.

Opel
Иако ја има истата 54 kWh батерија како Mokka Electric која се нуди на генералната публика, Mokka GSE Rally има 280 коњи, Bilstein амортизација, и тркачки менувач. Не знам последново што значи, со оглед на тоа дека електрични автомобили немаат баш класичен менувач, но не ни дадоа подлабоко објаснување за тоа.
Освен тоа, има и диференцијал со ограничено пролизгување, што е многу корисно на рели патеки. А да, и сите електронски системи за безбедност се извадени целосно, и има заштитен кафез одобрен од FIA.

Opel
Од надвор, Mokka GSE Rally се издвојува со необична графика од страна на која пишува OMG! GSE, претпоставувам соодветно со реакциите на публиката. Целиот заден дел е светло жолт, а со тоа и задните тркала, додека предните се црни.
Можеби најинтересниот детаљ за надворешноста е всисот за воздух на кров, како да е моторот позади. Претпоставувам дека ова е tribute на рели легенди од Group B кои стварно ги имаа моторите таму.
Opel Mokka GSE Rally ќе го има своето деби на ELE Rally Eindhoven, кое се оддржува на 23 и 24 мај, 2025.