Renault Filante е нов знаменосец за корејскиот пазар
- Марко Соколовски

- Jan 15
- 3 min read
Се сеќавате на обидите на Renault да влезе во премиум сегментот? На почетокот на 2000те, премиум борците беа Vel Satis и Avantime, во 90те беше Safrane, а со тек на време се појави и Latitude, седанот кој седеше едно ниво над Laguna во понудата. Ниеден од овие модели не ги воодушеви купувачите на премиум автомобили, и Renault се повлече од премиум сегментот извесно време.
Но сега, францускиот бренд повторно се враќа во играта, но со една ѕвездичка; новиот премиум конкурент е, сега засега, за корејскиот пазар. Ајде да видиме.
Ова е Renault Filante

Renault
Filante ќе биде на врвот на понудата на Renault во Јужна Кореја, пазар каде што имаат стратешка соработка со Samsung. Да, тој Samsung. Обично моделите на Renault го носат и името Samsung таму, но соопштението од Renault не спомнува ништо такво. Со Filante, Renault пробува да ги привлече клиентите на кои прв избор им е водечката Hyundai групација, а бидејќи во случајов се работи за премиум модел, конкретно се мисли на Genesis.

Renault
Filante е навистина голем и импозантен модел. Има мала девијација од моменталниот дизајнерски стил на Renault кој го гледаме, рецимо, кај европските модели, но сепак е многу препознатлив.
Со должина од 4.9 метри, подолг е и од европските знаменосци Espace и Rafale за добри 20 cm. Секако, ќе биде достапна и поспортска Esprit Alpine изведба, и од фотографиите можам да видам дека ќе се нуди истиот дизајн на фелни достапни кај Atelier Alpine верзијата на Rafale (мат синиот кој врви по скопските улици од време навреме). Ќе има Iconic верзија (црниот), и според мене, тој дизајн на фелни е малку поинтересен.

Renault
На почетокот ќе се нуди исклучиво како самополнечки хибрид. Под хаубата имаме 1.5 турбо бензинец, кој сам по себе има 150 коњи, но спарен е со два електромотори, едниот со 100 коњи а другиот со 82 коњи, за вкупен износ од 250 коњи. Поголемиот електромотор го асистира бензинецот, додека помалиот се користи како генератор, и Renault тврди дека може да вози на струја 75% од времето кога сте во град.

Renault
Е сега, доаѓаме до ентериерот. Некој од вас ќе го загледа и ќе се запраша „А бе, некои од копчињава и воланов ми се познати од некаде…“ и ќе ви кажам зошто. Претходно сте ги виделе на Geely, и со тоа го имаме најинтересниот момент за Filante; поставен е на CMA платформата, на која се поставени Lynk & Co 01, Geely Starray, Volvo XC40, како и другиот Renault SUV наменет за корејскиот пазар, Grand Koleos.

Renault
Веќе знаеме дека Renault и Geely имаат стратешка соработка, меѓу другото за развивање нови мотори на внатрешно согорување, но исто и за користење на некои од платформите на кинескиот бренд, во случајов CMA.
Сепак, и покрај сличностите, од Renault тврдат дека грото од компонентите се сменети, и дека ќе си биде свој модел во внатрешноста. Тоа се гледа, меѓу другото, во тоа што Filante доаѓа со openR инфозабавниот систем на Renault базиран на Android Automotive, што значи има Google Play Store за нови апликации, и единствените мапи кои ги користи за навигација се Google Maps, што значи дека секогаш ќе имате сигурна навигација.

Renault
Ентериерот е полн со технологија; Arkamys озвучување, тризонска автоматска клима, систем за прочистување PM2.5 честички, како и целосно стаклен покрив. Не се отвара, но површината од 1.1 метри квадратни е една од најголемите во класата. И покрај големината, Filante има само пет седишта, и кога тие се преклопени ќе нуди повеќе од 2.000 литри багажен простор. Секако, има и еден куп безбедносни системи.

Renault
Сега малку разочарувачки вести; спомнав погоре дека Filante е наменет за корејскиот пазар, и тоа значи, барем за 2026 година, исклучиво за корејскиот пазар.
Renault планира да ја прошири достапноста на Filante до Јужна Америка и државите од Персискиот Залив, но тоа ќе биде дури во 2027. Засега нема планови да се нуди Filante во Европа, но можеме да бидеме сигурни дека идните модели на Renault ќе влечат инспирација и технологија од овој модел.

Renault
Искрено, морам да ја пофалам и храброста; и покрај неуспешноста во премиум сегментот во минатото, Renault ќе се обиде пак со главата горе. Овој пат не измислуваат нов сегмент на автомобил, како што беше случајот со Avantime и Vel Satis. Renault се реши за купе SUV, тип на возило кој знаеме дека проаѓа кај речиси сите, така да, можеби овој пат навистина ќе успее. Држам среќа!




