top of page

Toyota Aygo X со ново лице и хибриден погон

  • Writer: Марко Соколовски
    Марко Соколовски
  • Jun 3
  • 3 min read

И покрај тоа што (за жал) речиси сите брендови кои дејствуваат во Европа се откажаа од А-сегментот на возила, Toyota не беа спремни туку така да кренат раце. Со малку кросоверски детали настана Aygo X (се чита „крос“), и до ден денес е единствениот конкурент во А-сегментот. 


Изминатиов период Toyota вади нови модели речиси на секој саат, прво со освежената Corolla Cross, па освежениот bZ4X и новиот bZ4X Touring, како и новиот RAV4. Сега дојде време и Aygo X да се освежи малку.



Фејслифт и хибрид за Toyota Aygo X


Toyota Aygo X 1

Toyota


Уште одма, најзабележливата новост кај освежениот Aygo X е предниот дел. Доста радикална промена, со сосем нова предна маска и сосем нов дизајн на светла. Иако светлава не ми личат баш како оние кај другите Toyota модели, сепак е многу интересна и значителна промена. Toyota знакот исто се поместува малку повисоко, па не е веќе на средина и напред, а отворот за воздух е сега уште поголем.


Toyota Aygo X 2

Toyota


Ништо посебно на страничниот дел, освен новиот дизајн на фелни кој, искрено, многу повеќе ми се допаѓа од досегашните опции. Задниот дел останува речиси ист, што значи петтата врата е целосно стаклена и понатаму, а Aygo беше меѓу првите автомобили со такво нешто пред 20 години (да, 20 години). Како што гледам тука, задните светла се минимално освежени исто така.


Но сепак, ништо од ова не е најважната новост кај Aygo X.



Aygo X се префрла на хибрид


Toyota Aygo X 3

Toyota


Овој потег воопшто не треба да чуди никој, но новиот Aygo X добива хибриден погон, а со тоа трицилиндрецот и мануелниот менувач одат во историјата.


Поради GA-B платформата на која е поставен Aygo X, возможно е да се вгради и овој хибриден погон кој е достапен и кај Yaris браќата. 


Тоа исто значи дека силината е значително покачена. Досегашниот Aygo X со 1.0 бензинецот имаше 70 коњи, но хибридот тоа го крева на 116 коњи. Меѓу другото, Toyota тврди дека тоа значи 0-100 за помалку од 10 секунди. Со оваа промена, само Land Cruiser и комерцијалните возила (вклучувајќи го и Hilux) останаа без хибрид.


Toyota Aygo X 4

Toyota


Засега нема конкретни информации за потрошувачката, што ме зачуди малку бидејќи тоа е една од главните поенти на хибридниот погон. Со оглед на тоа дека големиот Camry имаше константна просечна потрошувачка од околу 6 литри, имам чувство дека кај Aygo X ќе биде уште помалку.


Битна работа е што хибридниот погон, и покрај додадените компоненти и компликации, сепак не жртвува простор во кабината или пак багажникот, што значи и понатаму одлични 237 литри капацитет.


Toyota Aygo X 6

Toyota


Внатрешноста е скоро иста како досега, што значи дека се заддржуваат физичките контроли за климата, што многу ми се допаѓа. Најголемите промени кои ги гледам тука се дигиталните инструменти и поголемиот екран за мултимедија, кој се чини дека го користи најновиот софтвер на Toyota.


Toyota Aygo X 7

Toyota


Друга интересна вест која вреди да се спомне е што Aygo X, како и скоро сите модели на Toyota по ново, ќе добие GR Sport пакет. Освен двотонската каросерија, предниот браник е малку поагресивен, и добива уникатен дизајн на фелни, а и амортизацијата е штелувана за возењето да биде малку поинтересно. Тоа многу ме интересира.


Новиот Aygo X ќе пристигне во европските салони кон крајот на 2025 година, што значи веројатно на почеток на идната година кај нас. Мали коли засекогаш ќе бидат закон, и иако го немам возено Aygo X лично, отсекогаш сум го ценел, и многу ме интересира како сите овие промени ќе повлијаат. Останува да се види.



© 2025 Korrmotive. Сите права се заддржани.

  • White Facebook Icon
  • Instagram
bottom of page